Традиција градена со истрајност и континуитет на Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“

Ликовни уметници од Германија, Србија, Саудиска Арабија, Црна Гора, Грција и Македонија се дел од 17-тото издание на Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“, која се одржува од 20 до 27 август во Културниот центар на колонијата во с. Цапари, како и на различни локации низ Битола.

За организаторот на колонијата, Драги Филевски, колонијата е големо задоволство и истовремено огромна одговорност да се одржи традицијата што трае 17 години.

– Континуитетот на колонијата успеваме да го задржиме, иако веќе втора година сме притиснати со здравствена криза предизвикана од ковид-19. Оваа година придружната програма на колонијата почнува со меморијалната изложба на ликовни дела од Миливоје Новаковиќ – Кањош, врвен ликовен уметник, прв уметнички директор и еден од двигателите од самите почетоци на ликовната колонија „Де Ниро“, кој за жал во 2020-та го напушти земскиот свет, но преку неговите извонредни дела ќе биде дел од колонијата и тие ќе говорат за него – изјави Драги Филевски.

Оваа година, во рамките на колонијата, ликовниот уметник Мирослав Масин, голем пријател на колонијата, ќе започне со работа на мозаик, кој ќе биде прво вакво уметничко дело во неговиот богат и разновиден опус. Мозаикот ќе биде на површина од 100 м2 и ќе биде поставен во рамките на Културниот центар во с. Цапари.

Во текот на овие 17 години на колонијата учествувале приближно 200 ликовни уметници од 30 држави од Европа и светот, кои досега создале речиси 500 уметнички дела. Токму оваа година од колонијата треба да произлезе јубилејното – 500-то уметничко дело.

– Оваа година особено ме радува збратимувањето на Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ со Меѓународно графичко триенале Битола, реномирана манифестација со богата традиција и континуитет, основана во 1994 година во Битола, што ќе биде значајно за натамошниот раст и развој и на двете институции – истакнува организаторката Силвана Филевска.

Семејството Филевски веќе 17 години ја организираат колонијата „Де Ниро“ во Битола

Во рамките на разновидната програма ќе бидат реализирани повеќе настани, како „Ден на уметноста“ во чест на Благоја Стефановски – Баге, изложба на Панде Петровски од циклусот „Хераклеја“, како и соло перформанс на Бранислав Николов („Фолтин“), кој всушност е заеднички проект на „ОХО продукција“ и на колонијата „Де Ниро“. Перформансот ќе биде најава на „Игнација фестивал“, посветен на античкиот пат Виа Игнација, кој идната 2022 година е предвидено да го има своето прво издание, а истиот во својата програма ќе вклучува музика, филм, театар, други изведувачки уметности, но и гастрономија.

Затворањето на 17. издание на ликовната колонија „Де Ниро“ на 27 август ќе биде симболично, но и во духот на истрајноста и континуитетот на оваа иницијатива, со отворање на изложбата „Азбука“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, посветена на великанот Блаже Конески.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 94, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот