Томос има, мир нема
МПЦ-ОА ја одбележува годишнината од Томосот за автокефалност добиен од СПЦ во состојба што е далеку поинаква од времето на црковната изолација. Но, и покрај литургиското единство со голем дел од православниот свет, прашањата околу Вселенската патријаршија, името „македонска“, дијаспората и грчко говорните цркви остануваат отворени. Токму затоа годишнината не е само повод за славење, туку и за потсетување дека автокефалноста е признаена од едни, а сè уште различно толкувана од други.
Годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) од страна на Српската православна црква (СПЦ) не е само пригоден датум за свечени литургии и за благодарствени говори. Таа е многу повеќе од тоа. Таа е момент за непријатно, но неопходно прашање: дали МПЦ-ОА навистина ја затвори својата најдолга историска рана или само ја преврза доволно цврсто за повеќе да не крвави пред јавноста?
Препорачано
МПЦ-ОА денес не е во позицијата во која беше пред мај и јуни 2022 година. Нејзината јерархија веќе не е третирана како расколничка од голем дел од православниот свет. Сослужувањата, меѓуцрковните контакти и признавањата од повеќе помесни цркви го потврдуваат тоа. Но исто така е точно дека прашањето не е целосно „испеглано“ на сеправославно ниво, особено во односите со Вселенската патријаршија и со црквите од грчко говорно подрачје.
Како се одвиваа работите?
Фактите се познати. На 9 мај 2022 година, Светиот синод на Вселенската патријаршија ја прими јерархијата, клирот и народот на Црквата предводена од архиепископот г.г. Стефан во евхаристиско општење, со што ја „исцели раната на расколот“. Но во истиот акт Цариград го призна името „охридска“, со јурисдикција во границите на Македонија, изречно исклучувајќи ја употребата на зборот „македонска“ и неговите изведенки. Во истиот документ беше наведено дека административните прашања треба да се регулираат со Српската православна црква.
Потоа дојде Белград. На 5 јуни 2022 година, српскиот патријарх Порфириј му го врачи Томосот на архиепископот Стефан, со кој СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА. Во македонското црковно толкување тоа беше историска точка по 55 години спор и изолација. Самата МПЦ-ОА тогаш објави дека СПЦ ја признава полната автокефалност „без условувачки клаузули“ во поглед на името, јурисдикцијата и пастирската грижа за верниците во татковината и во дијаспората.
Но веднаш се појави вториот слој на проблемот. Само ден по врачувањето на Томосот од СПЦ, МПЦ-ОА јавно изрази надеж дека во блиска иднина ќе се пристапи и кон „финализирање“ на црковното прашање со општопризнат Томос од вселенскиот патријарх Вартоломеј. Тоа не е безначаен детал. Тоа покажува дека барем во тој момент самата МПЦ-ОА не го третираше документот од СПЦ како единствената можна и последна станица на процесот, туку како голем, но не и нужно последен чекор.
Оттука почнува денешниот внатрешен спор. Една струја во МПЦ-ОА објаснува дека ако мајката-црква СПЦ го признала црковниот субјект МПЦ-ОА како сестринска автокефална црква, тогаш нема што понатаму да се моли, чека или плаќа со идентитетски отстапки. Особено ако тие отстапки го допираат името „македонска“, дијаспората и евентуалното позиционирање во украинското црковно прашање.
Другата струја признава дека СПЦ го направи она што со децении го одбиваше, но во православната реалност автокефалноста не е само билатерален договор. Таа треба да биде признаена и литургиски прифатена од останатите помесни цркви. А тука, сакале или не, Цариград има сериозна тежина, па без неговата активна согласност, грчко говорниот црковен блок тешко ќе ја прифати МПЦ-ОА под името и статусот што таа самата ги смета за природни.
Што сака Цариград?
Цариградските услови се најболниот дел од приказната. Првиот е името. Вселенската патријаршија во својот акт ја употребува „охридска“, но не и „македонска“.
За МПЦ-ОА ова не е мал проблем. Името „Македонска православна црква – Охридска архиепископија“ е врска меѓу современиот македонски црковен идентитет и историскиот континуитет што се повикува на Охридската архиепископија. Ако се избрише „македонска“, тоа во јавноста ќе биде прочитано како идентитетска ампутација.
Вториот услов е дијаспората. Тука проблемот е уште попрактичен. МПЦ-ОА има живи црковни заедници надвор од Македонија. За тие луѓе црквата не е само институција што им служи литургија еднаш неделно, туку последна тивка врска со јазикот, семејството, гробовите на предците и земјата од која заминале. Откажувањето од дијаспората би било претставено како канонско усогласување, но во македонската реалност би личело на доброволно отсекување на сопствената рака.
Третиот елемент е украинското прашање односно признавање на Православната црква на Украина (ПЦУ), кое дополнително ја комплицира сликата. Во православниот свет тоа одамна не е само украинско прашање, туку линија на поделба меѓу Москва и Цариград. Од МПЦ-ОА се очекува позиционирање во спор во кој секој потег носи последици.
Ако се приближи кон Цариград, може да ги разниша односите со дел од словенските цркви што ја признаа или ја третираат позитивно. Ако остане премногу блиску до српско-руската линија, ќе ја оддалечи перспективата за цариградски Томос и прифаќање од грчко говорните цркви.
Не ни треба втор Томос
Универзитетскиот професор Оливер Андонов, кој беше дел од преговорите помеѓу МПЦ-ОА и СПЦ, во емисијата „Попкаст со Мартин Богатиноски“ на Јутјуб каналот на „Слободен печат“ изјави дека за Цариград е најдобро во моментов да иницира разговори со МПЦ-ОА, но тие разговори да се водат исклучиво со Синодот.
– Со Томосот за автокефалност од СПЦ, во една рака е ставен крај на долгогодишниот проблем на МПЦ-ОА. Канонски сме признаени, сослужуваме со сите цркви, не постои проблем, но во друга рака решението не е целосно дефинирано затоа што виси во воздух проблемот со гркофонските цркви. Моја лична желба е да се реши таа работа еднаш засекогаш и конечно да ставиме крај на проблемот со грчките цркви. Ако нашиот Синод е подготвен да ѝ понуди разговори на Вселенската патријаршија, тогаш не гледам проблем зошто не би започнале преговори. Јас знам дека ние имаме многу добри предлози коишто би можеле да му се допаднат на вселенскиот патријарх Вартоломеј. На тој начин, ем ние си го решаваме билатералниот проблем со Цариград, ем тие го решаваат нивниот проблем со нас. Не мора секогаш работите да се одвиваат според одреден шаблон. Некогаш постојат и исклучоци. А сега ние би можеле да бидеме тој исклучок. Ако тие на еден начин го решиле проблемот со Православната црква во Украина (ПЦУ), кај нас проблемот се реши на сосема поинаков начин. Имаме ние предлози – вели Андонов.
Тој појаснува дека Томосот добиен од СПЦ е сосема доволен и дека на МПЦ-ОА не ѝ е потребен втор Томос.
– Прашањето со ПЦУ е специфично прашање. Прашањето дали е канонска таа црква не се поставува како прашање, бидејќи тие завршија работа со Цариград. Но и прашањето дали нашата позиција е канонска во однос на односите со СПЦ пред да бидеме прифатени од нив. Но, прашањето е кој има право да додели автокефалија на една црква? Како и да е, ние имаме Томос за автокефалност од СПЦ, тој Томос е прифатен и нам не ни е потребен втор Томос. Ако има желба цариградскиот патријарх да издаде Томос како прв меѓу еднаквите, тогаш нема проблем. Ќе влезе во историјата како документ, исто како што влезе во историјата неговото писмо за каноничност – објаснува Андонов.
Бугарскиот патријарх Даниил: Нашата црква ја признава автокефалноста на МПЦ-ОА


