Петар бара нови епархии во дијаспората, Пимен на удар

Митрополитот Петар бара отворање процес за формирање нови епархии во дијаспората, со посебен фокус на Европската епархија што ја води митрополитот Пимен. Тој тврди дека една епархија не може да ја покрие цела Европа и дека Пимен не ги посетувал редовно сите земји каде што има македонски верници.

Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар бара МПЦ-ОА да отвори постапка за формирање нови епархии во дијаспората, особено во Европа.

Неговата главна забелешка е дека Европската епархија е преголема за да ја води еден владика и дека надлежниот митрополит Пимен, според него, не ги посетувал редовно сите европски земји во кои има македонски иселеници.

Владиката Петар најави дека ова прашање ќе го отвори пред Светиот архијерејски синод. Тој смета дека бројот на верници, бројот на црковни општини и големината на европскиот простор бараат поинаква организација.

„Не може седиштето да биде во Скопје“

Во гостување на ТВ Алфа, владиката Петар директно го критикуваше митрополитот Пимен, кој со Европската епархија управува околу две децении.

– Не може на еден владика од дијаспората седиштето да му биде во Скопје. Зборувам конкретно за Европската епархија, која има повеќе од 500.000 верници. Другите цркви во Европа имаат шест-седум епархии, а ние со една епархија. Значи, почнуваме процес пред Синодот за формирање други епархии во дијаспората. Ако сме 500.000 во Европската епархија, не може дедо Пимен, откако е поставен на таа епархија, 10 години да не е стапнат во Англија. А таму има четири црковни општини. А каноните велат дека ако еден архијереј шест месеци не стапне во својата епархија, во конкретниот случај – држава, му се одзема епархијата – изјави владиката Петар.

Со ова, владиката Петар практично отвори две различни прашања. Првото е дали Европската епархија треба да се подели на повеќе епархии и второто е дали владиката Пимен може да биде повикан на одговорност за начинот на кој ја води епархијата.

Европската епархија не е мала структура

Европската епархија е една од дијаспорските епархии на МПЦ-ОА. Таа опфаќа повеќе европски држави во кои има македонски црковни општини и иселенички заедници.

Според јавно објавени црковни информации, Европската епархија има десетици црковни општини, свештеници и активен црковен живот во повеќе земји. Тоа е еден од аргументите поради кои темата не може да се сведе само на личен судир меѓу двајца владици.

Но, истовремено, големината на епархијата е и главниот аргумент на владиката Петар. Неговата теза е дека еден владика тешко може реално да ја покрие цела Европа, особено ако има голем број верници и повеќе црковни општини во различни држави.

Сепак, критиките на владиката Петар не се задржаа само на организацијата на Европската епархија. Тој го спомена и ставот на Пимен од периодот на референдумот за Преспанскиот договор, кога Пимен јавно повикуваше на гласање за промена на државното име, а подоцна, во емисијата „Попкаст со Мартин Богатиноски“ на „Слободен печат“ се правдаше дека бил излажан.

Петар тоа го претстави како сериозен морален проблем за еден владика.

– Пимен се покајал. Чекајте, тоа е исто како Ева и Адам. Кога Господ го праша Адам… Адаме, да не си јадел од забранетото дрво и плод… Тој одговори: јас не сум виновен, туку виновна е Ева, ти што ми ја даде… Значи Господ е виновен… и што му кажа Господ… Го протера надвор од Рајот. Ако јас како владика лажам, значи јас сум лажен владика и треба да си одам од црквата – изјави владиката Петар.

Како се одзема епархија од владика?

Одземање епархија од владика не е едноставна одлука што може да се донесе само затоа што друг архијереј тоа го побарал.

Во црковната пракса, ако постои сомнеж дека еден архијереј работи неканонски, прво треба да се утврди дали има основа за такво обвинение. Тоа значи дека не е доволна јавна изјава, телевизиско гостување или лично несогласување.

Постапката, во основа, би одела во неколку чекори.

Прво, треба да има формално барање или иницијатива пред Синодот. Потоа Синодот треба да оцени дали има причина да се отвори постапка. Ако се процени дека има основа, може да се формира комисија што ќе ги разгледува наводите, документите, сведоштвата и сите околности.

Следниот чекор би бил црковна постапка, односно црковен суд. Таму треба да се утврди дали архијерејот навистина прекршил канони, дали ги занемарил обврските или направил повреда што е доволно сериозна за санкција.

Дури потоа може да се зборува за казна, разрешување, одземање епархија или за друга мерка.

Со други зборови, епархија не се одзема автоматски. Не може еден владика само да каже дека друг владика не работи добро и Синодот веднаш да му ја одземе епархијата. За такво нешто мора да има постапка, докази, црковна процедура и одлука на надлежното тело.

Формирање нова епархија е друго прашање

Важно е да се направи разлика меѓу две работи: одземање епархија од владика и формирање нови епархии.

Формирањето нова епархија може да се разгледува како организациско прашање. Синодот може да оцени дека една епархија е преголема, дека има многу верници, дека има потреба од подобра пастирска грижа и дека е практично да се направи нова поделба.

Но, тоа не мора автоматски да значи казна за актуелниот владика.

Една работа е Синодот да каже дека Европската епархија треба да се подели затоа што е преголема. Сосема друга работа е да се каже дека владиката Пимен треба да биде казнет или разрешен затоа што работел неканонски.

Барањето на владиката Петар може да се разгледува како предлог за реорганизација на дијаспората. Но ако се оди кон одговорност на Пимен, тогаш мора да има посебна црковна постапка.

Процедурата е долга

Членови на Синодот, во неформален разговор за „Слободен печат“ објаснуваат дека барањето на владиката Петар не може да се спроведе едноставно и брзо. Ако има тврдење дека владиката Пимен работи неканонски, тогаш тоа треба да се докаже во црковна постапка.

Тоа значи формирање комисија, разгледување на наводите и евентуално свикување црковен суд. Без тоа, посочуваат нашите соговорници, не може да се донесе сериозна одлука за одземање епархија.

– Не може кој било кога ќе посака да предложи нечие разрешување или формирање епархија во веќе постоечка епархија. Ако владиката Пимен работи неканонски, тогаш потребно е неговата вина да се утврди на црковен суд. Односно, потребно е да се формира комисија, да се свика црковен суд, и практично да му се суди на владиката“, објаснуваат членови на Синодот.

Според истите извори, засега нема потврда дека владиката Петар навистина ќе оди до крај со ваква постапка против владиката Пимен.

Изјава побаравме и од митрополитот Пимен, но до затворањето на весникот не добивме одговор.

Следната седница на Синодот на МПЦ-ОА е закажана на 29 мај, но во предложениот Дневен ред до кој дојде „Слободен печат“, нема точка за расправа за одземање епархии или за формирање нови епархии.

Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП07 | Владика Пимен: Ме излажаа за референдумот за името, бев наивен!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот