Тилев: Отворање преговори со Северна Македонија е дел од Стратегијата и на новата Европска комисија – Слободен печат
ВестиМакедонија

Тилев: Отворање преговори со Северна Македонија е дел од Стратегијата и на новата Европска комисија

Тилев вели дека земјава е долго во процесот и дека повеќепати се правеле напори за прилагодување на новите пристапи во процесот на проширување.

Процесот на европска интеграција во земјава трае повеќе од 20 години. Ние не почнуваме со процесот денес, ниту пак ќе завршиме утре. Во нашето законодавство имаме вградено над 2.500 акти на ЕУ, што значи дека тие акти се дел од нашето секојдневно законодавство, тие се веќе дел и од нашите институции од нашата култура, бидејќи тоа на некој начин е европеизација. Ние две децении ги применуваме стандардите на ЕУ, го хармонизираме законодавството и го имплементираме тоа во пракса.

Ова денеска го изјави државниот советник во Секретаријатот за европски прашања Драган Тилев пред почетокот на панел дискусијата „Cледните чекори за процесот на Европска интеграција за Република Северна Македонија” што се одржа на Американ колеџ во Скопје.

– Факт е дека сме разочарани што не добивме одлука за почеток на преговори, но тоа во никој случај не значи дека реформите ќе престанат или дека инстиуциите ќе прекинат да работат. Институциите работат за исполнување на очекувањата на нашите граѓани, и сето она што сме го правеле досега ќе продолжиме да го правиме= рече Тилев.

Според него, самиот факт што седум часа имало жестока дебата на европскиот самит за отворање преговори со С.Македонија и Албанија, покажува дека интересот за проширување во рамки на ЕУ е голем и оти не станува збор дека европската перспектива на Западен Балкан е под знак прашалник.

– И во стратегијата на Европската комисија од 2008 година тоа се споменува, ги имаме и новите документи – Стратегијата 2019-2024 на новата Комисија во која што експлицитно стои дека ќе се почнат пристапните преговори, односно ЕК ќе се обиде да ги почне пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија, што значи дека процесот продолжува. Тоа е и во писмото на новата претседателка на ЕК Урсула фон дер Лајен која му го упатува на потенцијалниот еврокомесар за проширување, во кое стои дека таа личност ќе ги води и преговорите со земјава- вели Тилев.

Вели дека земјава е долго во процесот и дека повеќепати сме се прилагодувале на новите пристапи во процесот на проширување и ќе го направиме тоа и сега. Појаснува дека имаме институции, капацитет, потенцијал што и натаму треба да остане фокусиран на реформите, на хармонизација на законодавството, на градење на нашите капацитети на институциите, и да се подтотвуваме за почетокот на пристапните преговори.

Тој, кој и самиот е во процесот 25 години, е уверен дека процесот на европска интеграција на крајот ќе заврши и со членство.

Потсети дека објаснувачкиот скрининг завршува во декември и оти сите 33 поглавја се поминати и објаснети од страна експертите на Европската комисија.

– Создадена е критична маса од околу 400-500 експерти кои се подтотвени за следната фаза која ќе биде билатералниот скрининг. Тогаш ние треба да им објасниме на ЕК колку сме далеку или блиску и што ќе направиме во процесот, и тоа може да го направиме штом ќе се донесе одлуката за почеток на пристапни преговори- изјави Тилев.

Се надева дека таа одлука ќе се донесе во предвидливо време, оценувајќи дека билатералните скрининзи би траеле меѓу 16 и 18 месеци и оти институциите имаат капацитет за тоа.

Во врска со новата методологија што ја спомена францускиот претседател Емануел Макрон за реверзибилност во процесот на преговори, Тилев вели дека суспензивната клаузула е веќе содржана во правилата за пристапните преговори.

– Мислам дека многу од оние елементи кои беа споменати како нови елементи веќе се содржани и во постојниот процес на преговарање, во кој во моментовв Србија и Црна Гора. Процесот таму не оди со динамиката што е претпоставена во самиот процес на преговори. Тука нешто треба да се менува, и ние сме сосема согласни со тоа. Дури и Макрон во еден момент спомена дека треба да се забрза процесот кога веќе ќе се определат границите на ЕУ и ние се гледаме себеси тука, бидејќи никој досега не го спорел тоа дека Западен Балкан има европска перспектива- рече тој.

Оценува дека е добро тоа што темата за проширување ќе се држи на површина, ќе биде спомената и на претстојниот Совет за општи работи, на иницијатива на италијанскиот премиер Џузепе Конте.

– Во меѓувреме, би очекувал ЕК да работи на новата методологија и доколку таа до март наредната година биде усогласена и прифатена од сите членки тогаш би можел да се очекува позитивен исчекор во правец на омекнување на позицијата на Франција и на другите држави за да можат да гласаат и да дадат зелено светло за почеток на преговори- оцени Тилев.

Тимчо Муцунски, професор на Правниот факултет Јустинијан Први, вели дека треба да имаме фокусирани реформи, не само закони на хартија туку и Влада која ќе има реформски пристап.

Според него, процесот на евроинтеграција ќе зависи од тоа колку ќе имаме капацитет  да ги спроведеме домашните реформи.

– Треба да се фокусираме на тоа што е од значење на ЕУ. Имаме многу сериозни недостатоци во правосудниот систем и во јавната администрација. Имаме системски проблеми и во ЈО и во правосудството- вели тој.

Оценува дека сите земји-членки на ЕУ тука имаат амбасади и смета дека една од причините за француската блокада се и реформите во правосудството, односно Законот за јавно обвинителство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close