„Тикток“ затвори неколку профили поради мешање во изборите во Чешка
Кинеската платформа „Тикток“ отстрани десетици сметки за кои е пријавено дека се обиделе да се мешаат во чешките парламентарни избори што се одржуваат денес и утре, соопшти Чешкиот телекомуникациски институт.
Препорачано
Агенцијата за „Политико“ изјави дека истражувачите означиле стотици „Тикток“-сметки како неавтентично однесување и дека платформата отстранила десетици.
Порталот од Брисел соопшти дека изборната кампања во Чешка е оптоварена со лажни вести и пропаганда, од веб-страници што директно преведуваат содржина од санкционирани руски извори до ботови што се претставуваат како кандидати на социјалните медиуми.
Локалната истражувачка мрежа Online Risk Labs соопшти дека пронашла 286 „Тикток“-сметки со „кумулативен досег од пет до девет милиони прегледи неделно, чија содржина, на пример, вклучува величење на рускиот претседател Владимир Путин, како и наративи што ја легитимираат руската агресија во Украина“.
„Тикток“ соопшти за бриселскиот „Политико“ дека отстранил 98,5 проценти од содржината што ги крши неговите правила за интегритет на изборите, дезинформации и содржина генерирана од вештачка интелигенција.
Околу 2,5 милиони луѓе го користат „Тикток“ во Чешка.


