Тие што плаќаат сметки на шалтер, по казна 15 денари повеќе

Македонски Телеком / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија, за „Слободен печат“ вели дека ова се коси со добрата општествена практика на компаниите и претставува своевидно самоволно наметнување на нова давачка, за која граѓаните ниту се информирани ниту дале согласност.

Од 1 јуни и Македонски телеком почна да наплатува провизија од 15 денари со вклучен ДДВ, доколку сметката ја плаќате на шалтер. Граѓаните се револтирани од ваквиот однос, кој го доживуваат како своевидна казна. Тоа го коментираат сите што деновиве стојат пред шалтерите на Tелеком, каде што од вработените им се посочува дека провизијата нема да им се наплати ако ги користат терминалите за самопослужување, кои, за жал, се поставени само во поголемите продавници во шопинг-моловите. Истата информација се добива и од некој од операторите во кол-центрите на Телекомот, а по деталното пребарување на нивниот сајт ќе го прочитате следново:

„Во Телеком продавниците, доколку одберете да не ги користите терминалите за самоуслужување, можете да платите во готово или со платежна картичка кај нашите вработени. Надоместокот за оваа услуга од 15 денари по сметка (со вклучен ДДВ) ќе ви биде пресметан во следната месечна сметка. Истиот надоместок се пресметува и при наплата на сметка во продажните места на Т-партнерите. Во сите експозитури на деловните банки и во експозитурите на Пошта на Северна Македонија, можете да платите во готово, при што се наплаќа провизија на извршената услуга во согласност со тарифата на банката“, стои во објавата за корисниците.

Од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во изјава за Е-магазин велат дека не се надлежни за ова прашање.

– Овој надоместок не е регулиран со Законот за електронски комуникации и регулаторот  – одговориле од АЕК. Порталот го контактирал и А1 Македонија, од каде што добил одговор дека тие не наплаќаат ваква провизија.

Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), за „Слободен печат“ вели дека ова се коси со добрата општествена практика на компаниите и претставува своевидно самоволно наметнување на нова давачка, за која граѓаните ниту се информирани, ниту дале согласност.

– Со наплатата на провизија на шалтер, граѓаните се казнуваат, а ова особено ќе ги погоди повозрасните лица и сите што немаат пристап до електронските алатки. Сметаме дека треба да се вклучи и народниот правобранител, кој треба да изврши контрола врз која основа е воведена оваа нова давачка, како е утврдена нејзината висина и за што ќе се користат овие средства. Во постапката треба да интервенира и АЕК, оти апсолутно е несериозно да се наметнуваат нови трошоци без образложение и без најава, а воопшто е некоректно да не се прашаат граѓаните – оценува Лончар Велкова.

Во банките и во поштите за секоја сметка се наплаќа провизија, која може да се движи и до 60 денари поединечно. Доколку не ја платите сметката навреме и ве исклучат од мрежата на Телеком, за повторно вклучување во еден правец се наплатува 236 денари, а надоместокот за повторно вклучување во двата правци по исклучување е 349 денари.

Според податоците од Народна банка, референтната стапка за пресметување на стапката на казнената камата, за периодот од 1 јануари до 30 јуни годинава изнесува 1,50 проценти и таа е иста како за периодот од 1 јули до 31 декември 2020 година. Во договорите во кои барем едно лице не е трговец односно е физичко лице, референтната стапка е зголемена за 8 процентни поени, односно изнесува 9,5 проценти. Казнената каматна стапка за јавни давачки на дневно ниво изнесува 0,003 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот