Фото: mkd.basketball

ТФТ и Феникс 2010 ја отвораат четвртфиналната серија во Купот

Сè е подготвено за почеток на 34. издание од финалните турнири за националниот Куп, кој од пред неколку години го носи името на македонската кошаркарска легенда Благоја Георгиевски-Буштур. За прв пат во толку години на постоење, завршницата од ова натпреварување ќе биде во Куманово.

Уште еднаш, на исто место, во спортската сала во Куманово, собрани се осумте најдобри екипи кои се изборија за шанса да се борат за драгоцениот трофеј кој веќе неколку години го брани екипата на МЗТ Скопје Аеродром.

А честа да го отворат ова ново издание на „Фајнал-ејт“ турнирот, ја добија екипите на ТФТ и Феникс 2010. Со оглед на тоа дека го имаа бројот 1, во првиот круг од натпреварите од „МТЕЛ“ Суперлигата, кошаркарите на ТФТ условно земено, го добија најлесниот, според пласманот, ривал во четвртфиналето.

Но, денеска од 12.00 часот, со свои сметки во Куманово влегува младиот состав на Феникс 2010, сега дополнително засилен и со неколку млади, репрезентативни кошаркари.

Неколку часа подоцна, односно од 14.30 часот, следува и она што со години го следи кошаркарска Македонија. Дуелот за место во полуфиналето помеѓу екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.

„Металците“ имаат далеку повисок моментален рејтинг, но веќе вообичаено, тоа ќе треба да го докажат на теренот во Куманово, против екипа која покажа „враќање“ на последниот меч (победа против екипата на Кожув), и која сигурно има што да каже на овој собир на најдобрите.

Согласно со четвртфиналната шема, од 17.00 часот, ќе играат екипите на Маџари и Кожув, веројатно доста изедначен меч се очекува да проследат љубителите на кошарката, не само во Куманово, туку и оние кои ќе ги следат директните преноси на програмата на МРТ.

А како круна на првиот натпреварувачки ден, особено за градот-домаќин и организатор на турнирот, дуелот во кој од 19.30 часот, МКК Куманово игра против битолски Пелистер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот