Тетовскиот Клинички центар и тројца функционери од болницата ќе одговараат за пожарот во модуларната

Тетово пожар
Увид по пожарот во тетовската модуларна болница / Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Тетовскиот Клинички центар како правна здравствена установа и три лица кои биле на одговорни функции во болницата кога се случи пожарот во модуларната болница во Тетово ќе бидат обвинети за пожарот кој пламна во вечерните часови на 8 септември 2021 година кога загинаа 14 лица, дознава „Слободен печат“.

Од загинатите 12 беа пациенти, а другите двајца беа лица кои се грижеле за некои од своите блиски. По трагедијата, тогашниот министер за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани понудија оставки, но поранешниот премиер Зоран Заев не им ги прифати. Оставки поднесоа генералниот директор на тетовска болница Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми.

Од ОЈО потврдуваат дека е лоцирана одговорноста за трагедијата во тетовската модуларна болница која изгоре во пожар.

„Обвинителите на предметот реферираа до Републичкото обвинителство и предметот е при крај. Предметот деновиве ќе биде доставен до Судот во Тетово на понатамошна постапка“ велат од ОЈО, од каде додаваат дека станувало збор за голем и комплексен предмет во кој се изгубени многи животи на наши граѓани.

Во текот на предистражната постапка, над 30 лекари и медицински сестри кои кобната ноќ беа ангажирани во ковид-центарот во Тетово, беа повикани да дадат исказ. Беа собрани и сведоштва од очевидци и од членови на семејствата. Во истрагата беа вклучени и германски експерти, чиј извештај пристигна пред три месеци.

Има осомничени за пожарот кој минатата година се случи во модуларната болница во Тетово, изјави јавниот обвинител на Македонија, Љупчо Јовевски во интервју за емисијата „25 минути“.

– Не може да се каже дека кабелот е виновен и дека никој нема да одговара. Познато е во јавноста дека обвинителството води постапка за овај случај. Мора да сфатите дека се работи за огромна трагедија, за изгубени многу животи на наши граѓани, дека обвинителството презема многу дејства. Сослушани се повеќе од 40-тина сведоци – вели тој.

По завршувањето на истрагата ќе биде поднесена пријава.

Досега јавно беа обелоденети само детали од извештајот којшто го изготвија македонските крим-техничари кои на 10 октомври го доставија својот извештај до обвинителите коишто ја водат истрагата. Македонските крим-техничари утврдија дека пожарот во модуларната болница во Тетово настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабелна дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби.

Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Ова беше единствениот конкретен податок којшто укажуваше која била иницијалната каписла за избувнувањето на пожарот. Неколку месеци подоцна својот извештај го доставија и германските експерти коишто вршеа вештачење во странски лаборатории. Деталите од документот не беа објавени во јавноста, но делови од него, според обвинителите, се поклопуваат со сознанијата на македонските крим-техничари.

Исмаили: Бараме правда, да се најдат виновниците за трагедијата во модуларната болница во Тетово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот