Тетовската полиција за два и пол месеци изрекла 623 мерки за непрописно паркирање, но возилата се уште се на тревници, тротоари и двојни редови

Сообраќаен хаос Тетово/Фото: Слободен печат

Во изминатите речиси два и пол месеци од оваа година, тетовската Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај изрекла вкупно 623 мерки за непрописно паркирање, претежно во централното подрачје на Тетово, но и на други места во градот.

„Инаку, во координација со тетовската „пајак-служба“ во овој период биле подигнати 56 возила, претежно возилата кои го попречувале нормалното и непречено движење на другите учесници во сообраќајот. Најмногу од нив биле паркирани во таканаречени „двојни редови“, во зони на крстосници, на тротоари , во зеленило или на други недозволени места“, изјави портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.

СВР Тетово-Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај во наредните денови, посебно во попладневните часови, ќе ги засили контролните активности околу паркирањето, за да се спречат евентуални поголеми сообраќајни мешаници, пред се на најфрекфрентните улици „Илинденска“, „Маршал Тито“, „Благоја Тоска“, „Видоја Смилевски-Бато и други.

Но и покрај мерките, казните, подигањето на возилата, Тетово особено во попладневните часови е во целосен сообраќаен колапс. Немањето на доволно паркинг места и недоволната сообраќајна инфраструктура си го прави своето.

Освен доизградба на дел од булеварот Благоја Тоска, нови улици и пробивање на останатите булевари ниту на повидок.

Минатиот месец градоначалникот Билал Касами најави продолжување на дел од булеварот Благоја Тоска кај тетовската касарна, но откако се слика со градежната механизација, утредента градежните активности престанаа.

Не се реализираат ниту општинските ветувања за изградба на катна гаража кај градскиот пазар, за кои општината рече дека нема маркица за изградба, но откако ја обезбеди потребната документација кажа дека локалната самоуправа нема пари за таков капитален проект.

Тетово има 4 булевари од кои само еден е целосно завршен. Со години нема отворено нова сообраќајница иако сообраќајниот метеж е се поголем, а целиот транзитен сообраќај поминува низ градот оти нема обиколница.

ФОТО: Тетово град со над 60 000 возила, а едвај 1000 паркинг места, сообраќајот тргни-застани

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот