ФОТО: Тетово град со над 60 000 возила, а едвај 1000 паркинг места, сообраќајот тргни-застани

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Во Тетово до секоја дестинација побрзо се стигнува пеш отколку со возило. За да поминете 2 километри ќе возите половина час.

Но, и покрај ваквата состојба голем дел од граѓаните не се откажуваат од своите возила кои според одредени проценки ги има до 60 000, а во градот има едвај 1000 паркинг места.Па најчесто може да забележите возило паркирано на тротоар, раскрсница, и долж улиците на таканаречени двојни редови.

Резултатот е сообраќај кој е целосно закочен поради несоодветно паркирање, но и старата сообраќајна инфраструктура со тесни улици и сокаци.

Дел од тетовци поради хаосот не користат возила, одат пеш или со велосипед.

„Нема паркинг места состојбата е катастрофа, нема каде да поминеш. Се паркираме каде ќе стигнеме, на тротоари, позади згради, но и таму не е сигурно ќе ти го подигне пајак служба возилото.Пред избори само ветуваат, но после тоа нема ништо“, вели еден тетовец.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

„Нема доволно паркинг места. Еве пред куќата кај мене нема паркинг. Одиме пешки со комбе или велосипед“, додава друг жител на Тетово.

„Но, виновни се и граѓаните, може да се најде место ако се потрудиш, но сега луѓето се навикнати и во кафана да влезат со возило, вели еден жител од центарот на градот.

„Лоша е состојбата, не сме задоволни, на секое место има возила. На тротари оставаат возилата, каде ќе стигнат таму. Треба да има паркинг места, но наместо паркиралишта и паркови се прават згради“, дополнува една тетовка.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Од Сообраќајната полиција, велат дека нивните екипи се постојано на терен. Казнуваат, но без изградби на катни гаражи кои ги вети општината и пробивање на булеварите, проблемот нема да се реши. Според полицијата зонското паркирање воопшто не го дава посакуваниот ефект.

„Состојбата не е добра оти инфраструктурата во градот не дозволува толку голем број на возила. Нашите активности се континуирани, но освен што немаме добра инфраструктура имаме лоши навики на граѓаните кои паркираат на тротоари, во двојни редови и слично . За 9 месеци имаме вкупно 1900 преземено мерки по однос на неправилно паркирање. Нема ниту доволно паркинг места ниту доволно сообраќајна инфраструктура. И од регионот тука доаѓаат од тетовско-гостиварско во градот и сето тоа не може да го издржи сообраќајната инфраструктура. Ние лично сметаме дека зонското паркирање не е функционално, тоа е замислено за да некој во краток период се паркира и да си замине. Но, имаме возила кои на зонско се оставени со денови и не се тргнати.Тука општината треба да биде поригорозна и поекспедитивна во решавање на оваа проблематика. И секако тука е проблем што се уште не се изградија најавените паркинзи, чекаме и на тоа“, вели Зоранчо Талев командир на ПС за БПС Тетово.

Од Општина Тетово, се правдаат дека најавените катни гаражи не се граделе оти предвидените локации за овие проекти се веќе предмет на приватизација.

„На сите локации каде има маркица за катна гаража има процес на приватизација, работиме за да најдеме други локации за катни гаражи, но за тоа треба да се направи Детален урбанистички план. Треба Комисијата за приватизација да ги одбие барањата за приватизација кои се противзаконски за да започнеме со процедура за градење на катни гаражи“, рече градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Тетово има 4 булевари од кои само еден е целосно завршен. Со години нема отворено нова сообраќајница иако сообраќајниот метеж е се поголем, а целиот транзитен сообраќај поминува низ градот оти нема обиколница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот