Тетово тоне во диви депонии, а советниците се расправаат во чие време ЈКП Тетово работело подомаќински

Фото: Слободен печат

Парите на граѓаните се трошат ненаменски, наместо за проекти од буџетот се одвојуваат средства за помош на ЈКП Тетово, кое работи недомаќински и е во постојани загуби, обвинија од советничката група на СДСМ на денешната седница на Советот на Општина Тетово.

Советникот на СДСМ Глигорие Стојановски, обвини дека се трошат пари за вдомување на партиски кадри на ВМРО ДПМНЕ и БЕСА во јавните претпријатија.

„Пример за тоа се точките на дневен ред на оваа седница на советот на Општина Тетово.Предлог одлука за давање согласнот за измена и дополнување на годишниот план за вработување во Општина Тетово во 2023 година. Предлог одлука за давање согласнот за одлуката за покривање на искажаните загуби на ЈКП Тетово во 2022. Претходно во два наврати, Општина Тетово доделуваше финансиска помош на ЈП Тетово транспорт, а причина за тоа беше загубата на ова претпријатие. Советничката група на СДСМ е против ваквите одлуки и истите нема да ги поддржи. Да се одобруваат средства на претпријатија во континуитет, без контрола на работењето, посочува само на тоа како БЕСА и ДПМНЕ ги користат парите на граѓаните за конформизам на своите партиски и некомпетентни кадри, кои ги имаат узурпирано јавните претпријатија. Наместо да се изнајдат вистински решенија на кои би им се помогнало на овие претпријатија кои би работеле за граѓаните, локалната власт одлучува со парите на граѓаните да ги подржува претпријатијата кои работаат недомаќински“, рече Глигорие Стојановски советник од опозиционата советничка група на СДСМ.

Претседателот на Советот на Општина Тетово Бесарт Дурмиши, вели дека на денешната седница немало доделување на никаква финансиска помош за ниту едно јавно претпријатие. Се работело за гласање на документ, во кое само било образложено дека ЈКП Тетово работело со загуба во 2022 година.

„Сега на седница изгласавме еден документ за ЈКП Тетово, каде пишува дека работело со загуба тоа претпријатие и тој документ само го поминавме на совет, не сме дале никаква помош на оваа седница. Пред два месеци со 25 милиони денари им помогнавме на јавните претпријатија , ако треба да се помага ќе донесеме таква одлука на совет понатака.Поделбата на ЈКП Тетово е во тек, одлуката во советот е помината. Ова претпријатие е поделено на три правни субјекти, само треба да се формира управниот и надзорниот одбор и тие ќе почнат да функционираат самостајно. Ќе функционира претпријатие за паркови и зеленило, за водовод и канализација и за комунален отпад. Сетоа ова се прави, за да можат овие правни субјекти да функционираат поуспешно“, истакна претседателот на Советот на Општина Тетово Бесарт Дурмиши.

Ангел Карапетров советник од ВМРО ДПМНЕ, вели дека токму советниците на СДСМ и ДУИ кога имале мнозинство во советот, работеле недомаќински. ЈКП Тетово тонело во поголеми долгови, иако централната власт во еден наврат му додели пари на претпријатието, со кои драстично го намали долгот.

„Јавните претпријатија ги наследивме со долгови од 28 милиоини евра, претходно државата им ги покри дел од долговите на јавните претпријатија на Општина Тетово, но недомаќински работеа СДСМ и ДУИ и направија нови долгови. ЈКП Тетово имаше долг од 12 милиони евра, сега во моментов претпријатието за паркинзи работи рентабилно, зголемена е наплатата во ЈКП Тетово, кое е поделено на три правни субјекти и се надевам со домаќинско работење и тоа јавно претпријатие ќе почне да работи рентабилно и ќе има повеќе приходи. И сега зголемен е приходот и намален е бројот на вработените на ЈКП Тетово, а си работи порентабилно“, истака Ангел Карапетров советник од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

И додека советниците од опозицијата и позицијата се препукуваат во кое време ЈКП Тетово работело подомаќински, Тетово речиси две децении не може да се справи со дивите депонии и сметот во градот, кое ги има во секоја населба.

ФОТО: Тетово тоне во смет, сите јавни површини претворени во депонии и пасишта

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот