Тетово набави пет автобуси за јавен превоз
Со ова општина Тетово за првпат добива јавен превоз во градот со воведување на три градски рути.
Преку Проектот за подобрување на општински услуги кое Министерството за финансии го спроведува заедно со Светска банка општина Тетово набави пет автобуси за градски превоз во вредност од 720 илјади евра. Со ова општина Тетово за првпат добива јавен превоз во градот со воведување на три градски рути. На настанот за примопредвање на автобусите присуствуваа министерот за финанасии Фатмир Бесими и градоначалничката на Тетово Теута Арифи.
Министерот за финансии во своето обраќање истакна дека на граѓаните на Тетово им се обезбедува една нова општинска услуга, која ќе придонесе за подобрување на условите за живот во општината.
-Со ова на граѓаните на Тетово ќе им се обезбеди една нова општинска услуга, која ќе придонесе за: прво, безбеден превоз на патници, второ – поефикасен сообраќај во градот и трето, и особено битно, намалување на загадувањето. Исто така, со ова се отвораат и нови работни места за граѓаните во јавното претпријатие за транспорт. За набавката на автобуси преку МСИП-проектот општина Тетово доби 72,6 милиони денари или 1,18 милиони евра. Со реализирање на јавната набавка постигната е пониска цена за автобусите од 44,3 милиони денари или околу 720 илјади евра, додека за останатите средства има можност општината да ги искористи за друг проект. – рече Бесими.
Градоначалничката на Тетово Арифи посочи дека автобусите ќе бидат предадени на користење на локалното јавно-транспортно претпријатие “Тетово транспорт”. Со набавката на овие автобуси градот Тетово за прв пат добива јавен превоз за потребите на жителите на градот и околните населени места.
Планирани се три рути за одвивање на јавниот транспорт низ градот, кои ги опфаќаат главните артерии на градот во сите делови. Првата рута е од автобуската станица на улица Борис Кидрич до Универзитетот на Југоисточна Европа. Втората рута се движи по улиците Борис Кидрич, Иво Лола Рибар, Страшо Пинџур, т.ц. Мерџан, Илинденска, до Универзитетот ЈИЕ, улиците Љуботен, Киро Ристоски Дрнц, Ѓорче Петров, Браќа Миладинови, Булевар Видое Смилевски Бато, 29 Ноември, Благоја Тоска, Маршал Тито, Булевар Видое Смилевски-Бато и повторно завршува кај автобуската станица на улица Борис Кидрич. Третата рута по улиците Борис Кидрич, Булевар Видое Смилевски Бато, Маршал Тито, Благоја Тоска, 29 Ноември, Булевар Видое Смилевски Бато, Браќа Миладинови, Ѓорче Петров, Киро Ристоски Дрнц, Љуботен, Илинденска, Универзитет ЈИЕ и се враќа по Илинденска до т.ц. Мерџан, улица Страшо Пинџур, Иво Лола Рибар, Благоја Тоска и завршува кај автобуската станица на улица Борис Кидрич. Со овие три рути, се покрива целата територија на градот Тетово.