Тензично е во Хондурас, заглави пребројувањето на гласовите, Трамп се заканува: „Ќе платат пеколно скапо ако лажат“
Повикувајќи се на мир и трпение, изборната комисија на Хондурас во вторникот објави дека се обидува да го надмине системскиот дефект што остави околу 20 отсто од гласовите од претседателските избори непреброени, додека американскиот претседател Доналд Трамп изнесуваше обвиненија за можна измама и предупреди дека „ќе се платат пеколно скапо“ ако резултатите бидат изменети, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Кандидатот на центристичката Либерална партија, Салвадор Насраља, во вторникот презеде многу тесно водство на претседателските избори во Хондурас пред конзервативниот кандидат поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп, Насри Асфура, во пребројување на гласовите обележано со доцнења и системски падови.
Последните резултати, објавени од изборната комисија околу 14.30 часот по локално време, покажаа дека Насраља има 39,96 отсто, а Асфура 39,80 отсто, со нешто над 60 отсто преброени гласови. Рикси Монкада, од владејачката левичарска партија ЛИБРЕ, е далеку трета со 19,19 отсто. Претходно, Асфура водеше со околу 500 гласови според последните резултати објавени во понеделник.
Во понеделникот изборниот орган соопшти дека Асфура и Насраља се во „техничко изедначување“, двајцата со нешто под 40 отсто од гласовите, и дека гласовите ќе мора да се бројат рачно.
Додека броењето продолжува, поранешниот претседател на Хондурас, Хуан Орландо Ернандес од Националната партија, во понеделникот беше ослободен од американски затвор, каде што издржуваше казна од 45 години за трговија со дрога и за обвиненија за оружје, покажуваат податоците на Бирото за затвори.
Трамп го помилува поранешниот претседател на Хондурас, Хуан Орландо Ернандез
Неговото ослободување се случува откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повика гласачите во Хондурас да гласаат за кандидатот на Националната партија Асфура и најави дека би го помилувал Ернандес. Во вторникот претставник на Белата куќа потврди дека Трамп навистина го помилувал Ернандес.
„Ќе платат пеколно скапо“
Во понеделникот Трамп на социјалните мрежи без докази обвини дека Хондурас „се обидува да ги промени резултатите од претседателските избори“.
„Ако го сторат тоа, ќе платат пеколно скапо! Народот на Хондурас во огромен број гласаше на 30 ноември,“ напиша Трамп на својата платформа „Трут Сошал“.
Организацијата на американски држави (ОАС), која ги набљудуваше изборите, соопшти дека имало висока излезност и дека гласањето низ целата земја минало мирно, со исклучок на изолирани инциденти во неколку општини.
Но, постојат грижи дека ако броењето се одолжи, високо наелектризираната изборна атмосфера може да доведе до протести и до можни насилства.
Изборната комисија најави дека отсега резултатите ќе ги доставува директно до медиумите и до политичките партии, за да може јавноста непречено да ги следи.
Експретседателот го осуди мешањето на Трамп
Поранешниот претседател Мануел Зелаја, инаку сопруг на актуелната претседателка Сиомара Кастро, остро ја осуди вмешаноста на Трамп во изборите, нарекувајќи ја обид да се спречи кандидатурата на Монкада.
„Ние кои се бориме за слобода стоиме исправено. Патриоти сме и никој не се повлекува,“ напиша тој на Икс.
Во понеделникот навечер Монкада изјави дека изборите „сè уште не се загубени“ и обвини дека другите партии го манипулирале процесот. Таа исто така ја осуди американската вмешаност во изборите.
Пред изборите, Трамп неколкупати зазеде страна во тесната трка, отворено поддржувајќи го Асфура, 67-годишен поранешен градоначалник на Тегусигалпа, во серија објави на социјалните мрежи, наведувајќи дека може да соработува со него во борбата против трговијата со дрога.
Дополнително, тој ја обвини Монкада дека е „комунист“, без да понуди докази.


