Темелковски пред жителите на Кисела Вода: Може да се дислоцира Центарот за зависници, имаме конкретен план

Актуелниот градоначалник на Кисела Вода Филип Темелковски и министерот Венко Филипче/ Фото: Фејсбук

Во Домот на културата, лоциран во паркот Македонија во Општина Кисела Вода се одржа средба и јавна дискусија помеѓу градоначалникот Филип Темелковски, министерот за здравство Венко Филипче и засегнати граѓани кои живеат во близина на Републички центар за болести на зависности.

Овој центар е формиран во 90тите, откако е дислоциран од Клиничкиот центар. Проблемот настанува во 2017 кога тогашниот министер Таравари преместува околу 680 корисници во овој центар лоциран во Кисела Вода, потег што предизвика проблеми за околното население.

Градоначалникот Темелковски кој е повторно кандидат на СДСМ, за челното место во Општина Кисела Вода, инаку е еден од учесниците во протестите на жителите против овој центар и  веднаш по изборот за градоначалник започнал со активности за намалување на бројот на корисници на овој центар и нивно дисперзирање или поточно враќање во медицински установи во нивните матични општини. Со тоа бројот на корисници е намален на околу 200.

Сепак, жителите сметаат дека и овој број е преголем и претставува проблем за околните куќи. Поради корона пандемијата минатата година која продолжи и сега, сите иницијативи за трајно решавање на овој проблем продолжуваат во сите претходни години но корона кризата го спречува решавањето со оглед дека сите ресурси се насочени за справување со пандемијата.

На вчерашната дискусија Темелковски ги презентираше конкретните чекори кои се усогласени со Министерството за здравство и конкретен план и задачи кои треба да ги преземе општината, а кои Министерството за конечно дислоцирање на овој центар на соодветна локација.

-Намерно сакав да организираме ваква директна средба и да се гледаме од блиску очи во очи. Кога се гледаме во очи мора да си стоиме на зборот и да си веруваме. Вие знаете дека се залагам за реални и остварливи решенија. Не сум човек што се истрчува и избрзува со нереални ветувања. Не сакам демагогија ниту популизам. Пред неколку години знаев дека може да се намали бројот на зависници со нивно прераспределување, но немав сознанија како може да се дислоцира една медицинска установа. Сега знам дека има услови за нова локација, и сите чекори се веќе испланирани и усогласени со надлежните од Министерството. Буџетот исто така е обезбеден. Формиравме и граѓанска група за директен контакт со министерот, рече градоначалникот Филип Темелковски.

Тој нагласи дека воедно мора да постои и грижа за зависниците бидејќи и тие се наши сограѓани за кои имаме морална обврска да се грижиме, да им помагаме и да ги вратиме на вистинскиот пат, смета тој.

Граѓаните заинтресирани да се реши проблемот со Центарот за зависници/ Фото: Фејсбук

– Во случајов се работи за 76 корисници кои се жители на Кисела Вода. Останатите доаѓаат од други општини. Нашата намера е тие да си се прераспределат во центри најблиску до нивното место за живеење, а за оние кои се жители на Кисела Вода имаме обезбедено друга соодветна локација според светските пракси и искуства. Тоа е пристапна локација со паркинг простор, поврзување со јавен превоз и најбитно е да не пречи на други жители.  Не сакаме да го пренесеме проблемот на друго место. Сега имаме конкретен план и точно утврдени чекори и поддршка од надлежното Министерство за здравство, рече Темелковски.

Со оглед дека се работи за медицинска установа решението зависи од централна власт министерот Филипче укажа на потребните чекори за да се заврши овој процес

-Здравствените работници и здравствените установи се распоредуваат според точно определена методологија. Министерството следи примери за успешно раководени центри во други делови на градот воедно редовно се консултира и со Здруженијата на корисници на третманите, рече министерот Филипче.

Министерот Филипче и Темелковски со граѓаните на Кисела Вода/ Фото: Фејсбук

-Домот е таму од 90тите и секоја година се зголемуваше бројот на корисници за во 2017 да се дуплира. Бев присутен на сите протести. Не за да се сликам и да правам постови на интернет. Туку да ги решиме проблемите. Доколку не беше короната побрзо ќе го водевме овој процес. Го намаливме бројот на корисници. Полицијата е редовно присутна. Општината редовно го чисти овој потег. Центарот не е проблем само за тој дел туку во цела МЗ Расадник. Она што ние го нудиме е целосно да се пресели. Но конечно решение е целосно дислоцирање, рече министерот.

Тој додаде дека е евидентен гневот на граѓаните во 2019 година. Од друга страна постои соработка и со здруженијата на пациенти.

-И од нив добиваме идеи. Од тука ги влечеме решенијата. Делење терапија согласно стандарди. Еден проблем не може да се реши без да се гледа целокупниот проблем. Затворањето на центарот и префрлување на корисниците во Кисела Вода без план создаде нов проблем. Едноставно префрлување на корисниците на центарот не е решение. Мора да се обезбеди и доволно и соодветен персонал. На пример  во болницата 8 септември има ист центар и корисниците не се ни приметуваат. Таму има соодветен број корисници и медицински персонал. Во изминатиот период разгледувавме повеќе алтернативни локации но секогаш излегуваше проблем со сопственоста. Воедно бараме и локација за изградба на Поликлиника со матични лекари и целокупна и итна медицинска помош. Според методологијата на министерството, број на жители и оддалеченост од другите медицински установи во Кисела Вода треба да се изгради медицински центар.  Најтешко е да се почне. Кога ќе тргне оди брзо, дециден е министерот за здравство.

-Во секој случај како градоначалник нема никогаш да дозволам на ова место да се изгради хотел или ресторан кој што повторно би пречел на мирот на жителите. Дополнително општината ќе преземе мерки и активности за преуредување на просторот околу центарот за зависници и заштита на изворите со вода. За понатамошната намена на објектот и просторот ќе има јавна дебата, анкета или референдум за да се види што е тоа што треба и што е неопходно, појаснува Темелковски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот