Тематски фокус на 11. Викенд на гордоста е мноштвото квир-теории и историографии

Карол Раѓишевски, „АИДС Волпајпер“ (2012)

Единаесеттото издание на Викенд на гордоста – Скопје ќе се одржи од 1 до 13 јуни на три локации низ Скопје: Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП „Центар-Јадро“.

Викенд на гордоста е Фестивал за квир култура, уметност и теорија што создава простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.

Тематскиот фокус на фестивалот оваа година е „Квир-хронополитики: Историја, афекти, утопии“. Изданието ги адресира мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања.

Во посебен фокус на фестивалот е преиспитувањето на хегемониските националистички и историографски наративи, како и политиките на националните архиви, нивните стратегии на бришење, исклучување и игнорирање на невидливите и тајните истории на сексуалните и родовите малцинства и нивните искуства, како и можностите за ревизија, преисчитување, преиспишување и презамислување на историските (отсутни) траги, гласови и ефемерните архиви на квир-луѓето.

Токму затоа изборот на програмата произлегува од посветеноста на идејата дека „естетското“ е суштински вкоренето во телесното искуство, кое како такво се наоѓа во основата на општествените, културните и политичките искуства. Куратор на фестивалот Викенд на гордоста – Скопје e Славчо Димитров.

Дизајнот на постерот за фестивалот е на Игор Делов

Фестивалот ќе биде отворен на 1 јуни, во 20.30 часот, во МСУ, со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот полски интердисциплинарен уметник Карол Раѓишевски. Тој е познат по неговата уметничка практика што вклучува уникатни алатки при уредување на материјалите, комбинирањето на факти со фантазија, компонирањето на документи од парчиња сеќавање и прикажувањето на неочекувани алтернативни траги на сеќавањата.

На изложбата ќе бидат претставени неговата мултидисциплинарна и архивска практика преку периодичниот фанзин „Дик“, кој тој го издавал и уредувал, и проектот „Каи“, што ја претставува параинституцијата Институт за квир-архиви, која ја основал. Освен тоа, ќе биде прикажана монументалната серија „Галерија на портрети“ (2020 – во тек), серијата „Сида“ (2012 – во тек) презентирана преку стратегија на спојување на архивски материјали со гестови на апропријација, изложени во форма на принтови, слики и тапети, клучното негово дело „Зумбул“ (2019-2020) и филмовите „Кишленд“ (Kiseiland, 2012) и „Мојот драг пријател од Советскиот Сојуз“ (Mon chéri Soviétique, 2021).

Перформанс „Осуденик“ на Малик Нашад Шарпе / Фотографија: Ralf Hersborg

Веќе следниот ден, на 2 јуни во МСУ ќе се одржи најновиот перформанс „Осуденик“ (Goner) на едно од најатрактивните имиња во современата кореографска и танцова практика Малик Нашад Шарпе (ОК).

Кореографката и перформанс уметница со чилеанско и шведско потекло, Ширли Харти Убила, на 3 јуни во МКЦ ќе го изведе делото „Абјектот на желбата“ (Abject of Desire), а на 4 јуни во МСУ познатата философка, теоретичарка и уметница Марина Гржиниќ (Словенија) ќе го одржи предавањето „Панкот и поранешната југословенска ЛГБТКИА+ заедница во Словенија и пошироко: Распетлувањето на сексот и политиката во расниот капитализам“.

„Еластично тело“ на Јован Јосифовски / Фотографија: Соња Ставрова

Уметникот Јован Јосифовски на 8 јуни ќе има отворање на неговата самостојна изложба „Еластично насилство“, додека на 9 јуни во МСУ фантастичното трио „Стим рум“ (Steam room) во состав Александар Георгиев, Жана Пенчева и Дарио Барето Дамас ќе го изведат танцовиот и кореографски концепт за вечноста, нивниот последен дел од кореографската трилогија „dragON – dragON forever“.

Фестивалот се затвора на 13 јуни во МКЦ со Румена Бужаровска и Ана Василева од „ПичПрич“, кои ќе ја модерираат Вечерта на раскажување на квир приказни – „Срамота!“, по што ќе следува диџеј сет на Ивана Драгшиќ. Дизајнот на постерот за фестивалот е на Игор Делов.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 180, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот