Плакат за изложбата „Скопски урбани приказни“ на ДЛУМ

Тематска одредница на изложбата „Скопски урбани приказни“ на ДЛУМ е „домот“

Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, на 17 јули, во 20:30 часот, во Куќата на ДЛУМ (Илинденска бр. 63) ќе биде отворена изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, насловена „Скопски урбани приказни“. Куратори на изложбата се Уметничкиот совет на ДЛУМ и Маја Чанкуловска Михајловска.

Уметниците Ана Ивановска, Доротеј Нешковски, Шќипе Мехмети, Сашо Блажес, Марина Лешкова, Давор Кешкец и Сокол Марковски, преку различни медиуми и инакви перцепции ќе ги претстават своите толкувања за „домот“ не само како физички димензионирана структура, туку и како (ин)директно чувство на припадност, опуштеност и сигурност, како простор кој ја дефинира идентитетската определба, утопијата, реалноста.

– Базирајќи ја идејата на годинешното издание на „Скопски урбани приказни“ врз поимот „дом“, почетните асоцијации сугерираат директна врска со конкретниот простор – куќата во која после седум и пол децениско работење е сместено Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Еманирајќи од познатата сентенца на нобеловецот Нагиб Махфуз – ’Домот не е каде што си роден, домот е каде што сите твои обиди за бегство престануваат‘, премисата ’дом‘ како место, живеалиште или засолниште, е проширена на повеќе слоеви на исчитување, но и чувствување. Во повеќето толкувања, кои можат да се и антагонистички, присутни се следните моменти: флуктуација на домот – (не)статичноста на просторот каде се поврзуваат и интерконектираат минатото со сегашноста и иднината, (не)постојаноста или (не)променливоста на истиот, реалноста и имагинацијата, присуството и отсуството…

Домот како (не)постоечки реален или апстрактен простор на поврзување со личните, семејните или општествените фрагменти и референци, но и пошироките наративи (како што е примерот за ’неистражената‘ историја на ’новиот‘ дом на ДЛУМ) е простор на интимни доживувања, но и поттикнувач на критичка корелација со политиките на заедницата и општеството, вклучително и глобалните миграциски политики и кризи – напиша Маја Чанкуловска Михајловска во својата рецензија за изложбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот