Тексас и Флорида го нарушуваат редоследот за имунизација препорачан од сојузната влада

Фото: EPA-EFE/DUBAI GOVERNMENT MEDIA OFFICE HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Тексас, Флорида и други републикански држави не ја почитуваат препораката на сојузната влада први да се вакцинираат работниците во клучните сервисни дејности, и наместо тоа почнуваат со имунизација на лицата постари од 75 години, јави денеска „Вашингтон пост”. 

Според препораките на властите во Вашингтон, во вториот дел од кампањата за вакцинација против коронавирусот, приоритет се вработените во супермаркетите, транспортните претпријатија, келнерите и другите таканеречени „работници во првата борбена линија”, веднаш по нив се луѓето постари од 75 години. 

Но, властите во Флорида и Тексас, чие вкупно население брои над 50 милиони луѓе, следат свои правила, и нудат вакцинација на поширок сегмент од популацијата, односно постарите лица, додека работниците во основните дејности треба да чекаат.  

-Нема да ги ставиме младите и здрави работници пред ранливата популација, порача Рон Десантис, гувернер на Флорида. Имелда Гарсија, врвен експерт по инфективни заболувања од Тексас, изјави дека фокусот на оние со над 65 години и постарите лица со хронични заболувања, „ќе ја заштити најранливата група на населението”.  

Властите во Охајо воведуваат сличен приод, но во раната кампања за вакцнинација ги вклучуваат и вработените во школите, со акцент за потребата од враќање на учениците на школо и настава со лично присуство. 

Весникот потсетува дека токму ваков тип на некооридинарност во одговорот на ширењето на коронавирусот, е пречка во напорите на нацијата да ја запре пандемијата. Токму за ова завчера говореше и д-р Антони Фаучи, главен инфектолог во државните Центри за контрола и превенција од заболувања (ЦДЦ). 

Разликите во приодот околу имунизацијата се појавуваат во време кога државите се соочуваат со задршки во инјектирањето на дозите бидејќи секоја работи според свој редослед, заснован на капацитетите на локалните здравствени оддели и системите на болници. 

Во САД, од досега дистрибуираните 11.5 милиони дози вакцини, помалку од 20 отсто се инјектирани, соопшти ЦДЦ. Слично е и со некоординацијата на државите во однос на наредбите за носење маски и седење дома, кога федералната влада препорачува едно, а државите, најчесто оние раководени од републиканци, прават друго. Новоизбраниот претседател Џо Бајден постојано повикува на поголема сојузна координација во одговор на пандемијата. 

Тој завчера истакна и дека со недоволните порачки на дози од вакцината направени од администрацијата на Трамп, нацијата ќе се вакцинира не со месеци, туку со години. 

Според препораките на ЦДЦ, издадени на почетокот на месецот, првиот дел од вакцинацијата во САД, започна на 14 декември, ги опфати лекарите, здравствените работнци и персоналот вработен во домовите за нега на стари лица, како и нивните пациенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот