Театар Комедија ќе ја промовира книгата „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин Станиславски

Насловна корица на книгата

Театар Комедија ја заокружува својата исклучително успешна година со објавување на книгата „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин Станиславски, во превод на Наташа Атанасова.

Промоцијата на книгата ќе се одржи на 21 декември (четврток), со почеток во 12 часот, во „Бистро Комедија“ и ќе биде од отворен карактер. Изданието ќе го промовира драматургот и директор на Театар Комедија, Дарко Спасов, кој воедно работеше на уредувањето и подготовката на книгата.

Македонското издание „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ содржи два есеја, „Етика“ и „Уметноста на глумецот и на режисерот“, и предговор од театрологот Деспина Ангеловска, а се заснова на зборникот „Etika: Umetnost glumca i reditelja“ (Белград, 1996), приреден од Радослав Лазиќ.

За важноста на етиката на Станиславски во театарската уметност, Деспина Ангеловска во својот предговор ќе забележи: „Во ерата на глобализацијата, комерцијализацијата и загубата на утопиите, се наметнува потребата од навраќање на будната мисла на Станиславски, кој ги поставува клучните прашања за ’основните вредности‘ и ’мисијата‘ на театарот и уметноста, соочувајќи нè со одговорноста што ја имаме кон нив. За Станиславски, етиката и естетиката се неразделно поврзани, и само спојот на двете го овозможува создавањето на вистинското уметничко дело“.

Константин Станиславски (1863 − 1938) е руски актер, режисер и педагог, основач на Московскиот уметнички театар во 1898 година. Тој е најпознат по развивањето на теоријата на глумата, позната и како Системот на Станиславски. Според Станиславски, театарот е уметност од општествено значење. Тој верувал дека театарот има силно влијание врз луѓето и дека глумецот мора да служи како народен просветител.

Станиславски сметал дека прашањето за етиката и моралот претставува многу важно начело на театарското уметничко творење. Моралниот чин на поединецот во сложениот театарски организам, личноста во ансамблот, нејзината задача и нејзината улога во битието на театарот, претставуваат суштински вредности во есеите „Етика“ и „Уметноста на глумецот и на режисерот“.

Изданието „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ е некомерцијално и не може да се најде во слободна продажба, известија од Театар Комедија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот