Таравари се надева дека во „Козле“ ќе им се разбуди совеста – директорката вели нема никакви пропусти
Стручниот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ уште еднаш во соопштение до медиумите тврди дека нивната стручна комисија не нашла никакви пропусти во начинот на кој беше третирано 14-месечното бебе кое почина во Детската клиника а претходно беше хоспитализирано во „Козле“. Во меѓувреме министерот за здравство Арбен Таравари ја пофали Детската клиника што испратила двајца доктори дома, додека им трае дисциплинската постапка за пропусти околу детето и изрази надеж дека совеста ќе се разбуди и кај вработените во „Козле“.
Препорачано
– Ние ги резгледавме со правната екипа во Министерството, сите наши можности. Добро е што Клиниката за педијатрија презема одреден чекори и се надевам ќе се разбуди совеста кај менаџментот на болницата во Козле. Ќе дадеме официјално до Лекарска комора, таму има етичка комисија што треба да одлучува. Наши препораки ќе има, извештајот е тука. Доколку не веруваат на извештајот, нека си направат свој, меѓутоа, дека има одреденни пропусти, лекарски, има, рече Таравари.
Директорката на болницата „Козле“ Каролина Симоновска во соопштение до медиумите вели дека нема пропусти во третманот на бебето а тоа го потврдил стручниот колегиум и комисија специјално создадена за да го испита случајот.
Уште еднаш би сакала да информирам дека пациентот во нашата клиника е веднаш прифатен, направени се бројни анализи, поставен на терапија според интерните протоколи на клиниката, постојано следен, мониториран и под кислородна подршка која е контролирана и мониторирана а поради невообичаеното рапидно и прогресивно влошување на состојбата на детето, истото беше препратено на КДБ по претходен договор и најава со дежурниот педијатар, со организиран транспорт на ИМП во придружба на лекар и медицинска сестра, во согласност со интерниот протокол за префрлување на болно дете во друга институција за продолжување на лекувањето. Стручната комисија како и едногласноста на колегиумот се мој императив дека во нашата клиника е превземено се во третманот на детето, смета Симоновска.


