Тања Турунџиева, нутриционистка: Кои моќни антиоксиданти од храната ве штитат од слободните радикали?

Тања Турунџиева, нутриционистка/Фото: Приватна архива/Профимедиа

Многупати при разни состојби како најдобар лек и фармацевт се покажала токму природата. Ова тврдење e неоспорно кога станува збор за антиоксидантите и нивното моќно дејство. Она што е најфасцинантно за нив е што се соодиненија што во обилни количества можат да се најдат во овошјето и во зеленчукот.

Нутриционистката Тања Турунџиева ни објаснува што треба да знаеме за антиоксидантите и слободните радикали, зошто и кое овошје и зеленчук треба да ги консумираме за борба против нив и каква штета му нанесуваат на нашиот организам.

Што се, всушност, слободни радикали и која е улогата на антикоксидантите?

– Најзначајната улога на антиоксидантите во организмот е превенцијата и ублажувањето на oксидативниот стрес што настанува поради големи количества слободни радикали, што, пак, се нуспроизвод на процесот на оксидација. За да можат да функционираат, клетките на нашето тело го користат кислородот, при што се ослободуваат овие слободни радикали. Тие ги напаѓаат здравите клетки во нашиот организам, а со текот на времето влијаат и врз нивно оштетување. Како последица се појавуваат различни болести, уништување или забрзано стареење на клетките, односно на целиот организам. Сепак, многубројни истражувања и податоци извлечени од нив докажуваат дека токму храната е онаа што може да помогне во справување со слободните радикали, секако во онаа мера во која тоа го дозволува индивидуалниот пример, односно генетиката кај секој поединец посебно.

Како да се бориме против слободните радикали?

– Токму преку храната можат да се обезбедат антиоксидантни материи на клетките во организмот што ќе имаат за својство да ги пресретнат штетните молекули, па дури и да ги поправат некои од штетите што слободните радикали ги направиле во организмот. Оособено овошјето и зеленчукот изобилуваат со разновидни моќни антиоксиданти што кога ги консумирате, влегуваат во ткивата и течностите и можат да помогнат против силните оксиданти. Веќе се откриени мноштво антиоксиданти, какви што се кверцетин, ликопен, лутеин и глутатион, како и други познати хранливи состојки, како што се витамините Ц, Е, бета-каротен и минералите цинк и селен.

Резултатите од истражувањата за антиоксидантите се толку уверливи што д-р Вилијам  А. Прајор, раководител на биомедицинските истражувања на Државниот универзитет во Луизијана, САД, се залага за воведување на поширока употреба на крвните тестирања заради одредување на антиоксидантниот статус, онака како што сега се мери нивото на холестерол во крвта. Таквиот тест би го измерил нивото на штетните оксидативни активности во нашето тело и истовремено би покажал дека внесуваме доволно неутрализирачки антиоксиданти. Кога при ваквиот тест би откриле висока оксидативна активност и недоволно внесување антиоксиданти, би заклучиле дека постои поголем ризик од болести и би ве советувале да ги зголемите внесувањето антиоксиданти.

Какви штети слободните радикали му предизвикуваат на организмот?

– Најдобро што можете да направите за своето здравје е да внесувате производи богати со антиоксиданти. Дел од нештата што оксидантите можат да направат, а антиоксидантите да спречат се:

– Го претвораат холестеролот во оној облик што може да ги затне артериите.

– Напад на генетскиот материјал на клетките, што предизвикува мутации што може да доведат до појава на рак.

– Уништување на клетките на очите, што доведува до развој на катаракта и дегенерација на макулата (жолтата дамка).

– Нарушување на нормалните биолошки процеси и појава на висок крвен притисок.

– Уништување на нервните клетки што доведува до невролошки оштетувања какви што се Паркинсонова и Лу Геригова болест.

– Појава на воспаление, како кај артритис и астма.

– Оштетување на сперматозоидите, што доведува до неплодност или оштетување на плодот.

Која храна е богата со антиоксиданти во борбата со слободните радикали?

– Најбогатите извори на антиоксиданти се овошјето и зеленчукот. Сепак, кога избирате овошје и зеленчук, изберете го потемното – потемната боја обично значи и поголеми количества антиоксиданти. Исто така, свежото, како и замрзнатото овошје и зеленчук имаат повеќе антиоксиданти отколку оние од конзерви, преработени или термички обработени. Вашиот организам ќе добие најмногу антиоксиданти ако внесувате:

– Повеќе црно грозје отколку бело или зелено.

– Црвен или жолт кромид наместо оној со бела боја.

– Брокули, карфиол и зелка, свежи или обарени.

– Морков, тиква и сладок компир.

– Свеж или замрзнат зеленчук повеќе отколку конзервиран.

– Цел овошен плод, наместо сок.

– Свеж или замрзнат сок, наместо конзервиран.

– Лук, свеж или толчен.

– Свеж или замрзнат зеленчук, повеќе отколку конзервиран.

– Зеленчук подготвен во микробранова печка, наместо варен во вода или на пареа.

– Чисто, ладно цедено маслиново масло.

– Лиснат зеленчук со темнозелена боја.

– Црвен грејпфрут, наместо бел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот