Танц Фест Скопје 2023 ќе донесе богата програма под мотото „Танцувајќи создаваме иднина!“

Дела на 19 кореографи од земјава и странство ќе бидат изведени на Танц Фест Скопје 2023

Културниот центар „Интерарт“ ја најави програмата за „Танц Фест Скопје 2023“, која годинава ќе се одвива под мотото „Танцувајќи создаваме иднина!“ и ќе донесе 19 кореографи од земјава, како и од Холандија, САД, Полска, Чешка, Израел, Италија, Грција, Словачка, Романија, Шпанија и Кина.

Отворањето на фестивалот, кое е поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, ќе се случи на 4 април на сцената на Македонскиот народен театар со претставата „Таленти во движење“ на танцовата компанија „Кодартс“ од Ротердам, а во чест на 30 години дипломатски односи помеѓу Холандија и нашата држава.

Во соработка со Амбасадата на САД во Скопје, на 12 април, на сцената на МНТ фестивалот ќе ја претстави „Далас Блек танцовата компанија“ од САД, со нејзината атрактивна програма. Во склоп на оваа соработка ќе биде одржан и проектот „Денс комјуникејшнс“, работилници за млади танчари што ќе подготват кратка кореографија под менторство на танчарите и на професорите од САД и Скопје танцовиот театар, а истата ќе ја изведат на 12 април на сцената на МНТ, пред настапот на компанијата од САД.

„Далас Блек танцовата компанија“ од САД / Фотографија: Amitava Sarkar

На сцената на Младинскиот културен центар ќе бидат претставени современи кореографии на Јакуб Черулик од Словачка, Сандра Махвама од Романија, Гилда Цесарио од Италија, компанијата „А приори“ од Грција. Македонската танцова сцена ќе биде претставена со кореографиите „Одење и слични кореографски решенија“ на Филип Петковски, на 28 април на Малата сцена на НОБ, и „Код #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, која ќе се изведе на 24 април на сцената на „Кино Фросина“ во МКЦ.

Скопје танцовиот театар на 11 април во МНТ ќе ги претстави новите продукции „Место, многу посебно за неа“ на Адријана Данчевска и „Блокови“ на Дејан Битровски, во кои учествуваат танчерите на компанијата и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“. На 10 април во МКЦ ќе се изведе новата кореографија на Бобан Русески, под наслов „Табу република“, во продукција на Скопје танцовиот театар.

На 26 април на сцената на МНТ ќе се изведе премиерата на најновата кореографија на Рисима Рисимкин, „Лејди Магбет“, која годинава е поканета да гостува на фестивалот „Шекспир фринге“ во Верона, Италија. На фестивалот ќе се одржи и „Отворена програма“ со учество на студија од Скопје и други градови од земјава.

Програмата на „Танц Фест Скопје“ е поддржана од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Амбасадата на САД во Скопје, УГД, „Виталија“ и „Бовин“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 172, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот