Тајната остана под Монт Еверест, 32 години од мистериозната смрт на алпинистот Мурато

Димитар Илиевски-Мурато

Што се случи таа мајска вечер и како загина битолскиот алпинист Димитар Илиевски по освојувањето на највисокиот врв на светот Монт Еверест на 10 мај 1989 година.

Изминаа 32 години од еден од најголемите подвизи на македонскиот спорт, првиот човек од нашата држава кој успеа да го освои највисокиот врв на светот, Олимпот на Хималаите Монт Еверест, висок 8.884 метри. Сон на секој алпинист на светот, бела гробница за многумина храбри алпинисти кои својата преголема желба да стапнат на покривот на светот ја платија со највисоката и најскапата цена, со своите животи.

Меѓу нив е и еден од најдобрите македонски алпинисти Димитар Илиевски-Мурато од Битола кој за секогаш остана под Монт Еверест /неговата најголема љубов и желба/ откако стапна на неговиот врв гледајќи го таа светла вечер целиот свет пред себе, бескрајните бели беспаќа на Хималаите, пределите покриени со вечен снег и мраз. Во тој момент сигурно и не помислуваше дека тоа ќе биде и неговото последно збогување со најсаканата планина на која и го има посветено животот.

Никогаш нема да дознаеме како се чувствувал во тој миг Димитар Илиевски, што размислувал додека ги гледал околните високи врвови на Хималаите, кои сега беа под него, под неговите нозе останувајќи повеќе од еден час горе над облаците, „шибан“ од силниот ветер, на температура од минус 40 степени кој тоа од преголема радост и не го чувствувал. Во тој момент заедно со Стипе Божиќ од Хрватска и Виктор Грошељ од Словенија со кои го победи Монт Еверест беше најсилниот човек на светот.

За последен пат, тука на врвот се поздравил со Стипе Божиќ и Виктор Грошељ, кои се приклучија кон македонската експедиција со желба заедно да се искачат на „покривот на светот“. Никогаш повеќе не ги виде не само нив двајца, туку и неговите другари од експедицијата со кои ги подготвуваше четирите базни логори на патот кон врвот, последен на височина од 7.700 метри, на 800 метри под Монт Еверест.

Тие последни 800 метри од последниот базен логор па се до врвот, сигурно најдолги и најнапорни во кусиот живот на Димитар Илиевски , му беа и најтешки. Нему, на Божиќ и Грошељ им беа потребни цели 15 часа за да ги минат. Колку е тоа долго и тешко, колку физички напор и издржливост се потребни, каква концентрација на таа височина, каде тешко се доаѓа без боца за кислород, не е потребно и да пишуваме. Чекор по чекор, стапка по стапка, некаде околу 17.30 часот /од базниот логор тргнаа околу 3 часот наутро/, прв на највисокиот врв на светот пристигна Димитар Илиевски, за првпат на оваа височина се развиори и македонското знаме.

Петнаесетина минути подоцна на врвот пристигна Божиќ со двајца непалски шерпаси Сонан и Аджива. Искусниот Божиќ, кој веќе еднаш ја има почувствувано убавината на Монт Еверест, откако, направи неколку фотографии на Илиевски, како и Илиевски на него, по десетина минути престој тргна назад, заедно со шерпасите. Не сакаше ништо да ризикува, времето почна да се влошува, почна да се стемнува, се закануваше долга и студена ноќ. Го повика и Илиевски заедно да тргнат кон логорот, но тој не го послуша, остана да го чека Виктор Грошељ, на тој невиден студ и силниот ветер, кој се закануваше да го збрише од врвот и да го струполи во една од многуте длабоки хималајски бездни од кои нема враќање.

Тоа беше сигурно големата и трагична грешка на Илиевски која придонесе тој за секогаш да остане во вечната заедничка гробница на многумина негови колеги од целиот свет, на Хималаите.

Никогаш нема да дознаеме што чекаше Илиевски, зошто толку долго остана сам на врвот, горе над облаците, дали од преголемата желба и радост за да докаже дека и еден Монт Еверест, како и многу други дотогаш освоени врвови, може да биде под неговите нозе, или пак сакаше својот триумф горе на покривот на светот да го подели со Виктор Грошељ како и со Стипе Божиќ.

Словенечкиот алпинист се појавил на врвот некаде околу 18.40 часот, повторно прегратки, фотографирање. Сето тоа според зборовите на Грошељ трајало околу 20 минути, кога Илиевски, прв а потоа по него и Грошељ го напуштиле врвот и тргнале кон базниот логор. Кога се ќе се пресмета Илиевски непотребно останал повеќе од еден час на таа голема височина, трошејќи драгоцен кислород, толку потребен, каде што без него тешко се дише, се губи здив, се троши силата.
Во тие моменти во сите четири базни логори невидено славје, се славеше големиот успех и подвигот на Димитар Илиевски, кое за десетина часа подоцна се претвори во голема тага, солзи откако тој не се врати да ја подели радоста со своите другари од експедицијата.

Што се случи при спуштањето, каде залутал Илиевски, дали од преголемиот замор и долгиот престој на врвот застанал да се одмори и тука заспал со вечниот сон и замрзнал, тешко е да се одговори на тоа прашање. Дали му снемало кислород кој му предизвикал мозочен удар. Многу прашања на кои никогаш нема да се добие одговор. Едноставно Димитар Илиевски остана засекогаш во својата вечна бела гробница на Хималаите.

Покрај големата грешка што ја направи на врвот кога залудно остана повеќе од еден час, Илиевски ја направи и втората, можеби уште потрагична затоа што премногу брзаше и одеше сам за да се врати во последниот базен логор. Тука на Хималаите, без оглед дали се качуваш или спушташ од Монт Еверест, мораш да внимаваш на секој чекор, секој погрешен скапо се плаќа.

Прочитајте ги и 2 и 3 дел:

Зошто брзаше Диме?

 „Сладок“ сон на чекор до базниот логор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот