32 години од трагичната смрт на Димитар Илиевски-Мурато на Монт Еверест: „Сладок“ сон на чекор до базниот логор

Димитар Илиевски-Мурато

Австрискиот алпинист Курт Стив го видел смрзнатото тело на Илиевски на височина од 8.200 метри на само 300 метри оддалечен од базниот логор каде го чекале другарите

Изминаа 32 години од еден од најголемите подвизи на македонскиот спорт, освојувањето на највисокиот врв на светот-Монт Еверест на Хималаите, висок 8.884 метри, сон на секој алпинист во светот, бела и вечна гробница на многумина храбри алпинисти, кои својата преголема желба да се искачат на „покривот“ на светот ја платија со највисоката цена, со својот живот. Ж

Меѓу нив е и еден од најдобрите алпинисти во нашата држава, битолчанецот Димитар Илиевски-Мурато, кој остана засекогаш во тие бели снежни и смртоносни пространства под Мон Еверест, под мистериозни околности бидејќи никогаш нема да дознаеме што се има случено на тој пат од врвот кон базниот логор каде пресреќни, поради големиот подвиг, со голема радост го очекуваа неговите другари од експедиција. Го чекаа, за жал никогаш не го дочекаа.

Полни триесет и две години се зад нас, години на големата тајна на едно единствено прашање на кое никој немаше одговор, што се случи со Димитар Илиевски при неговото враќање од врвот, како загина и како исчезна во тие бели беспаќа, каде еден погрешен потег, една погрешна стапка може да биде трагична.

Во изминатите две продолженија пишувавме за оваа трагедија, слушнавме и напишавме за многу претпоставки што се има случено со Димитар Илиевски. Што понатаму и да напишеме, ќе биде само повторување бидејќи само Димитар Илиевски ја знае правата вистина. Сигурно многуте наши читатели ќе ги интересира дали е пронајдено телото на Илиевски, дали некој го има видено на тие преголеми височини од членовите на другите експедиции.

Првата информација за пронаоѓањето на смрзнатото тело на Илиевски ја лансираше американскиот алпинист Скот Фишер кој се има четири пати искачено на Монт Еверест. Тој на враќањето од Катманду, во авионот во кој бил и Стипе Божиќ му раскажал дека го видел телото на Илиевски на височина од 8.200 метри. Тоа се случило пет дена по подвигот на Илиевски, Фишер знаел за трагедијата на македонскиот алпинист.

-Мислев дека човекот е жив, беше паднат со лицето во снегот. Беше замрзнат, но сигурно не долго време. Често престојував на Хималаите и имам видено многу смрзнати тела на тие височини, така што знам дали телото е долго во снегот или не. Поради големата брада, и навлечената капа на главата, не му го видов лицето, но сигурен сум дека не беше шерпас, туку белец. Колку телото беше свежо, го „продрмав“ за да го разбудам. Потоа видов дека е мртов.

Приказната што Фишер му ја раскажал на Божиќ кој заедно со Илиевски го освоил Монт Еверест ја објавија сите тогашни југословенски весници, но според описот на облеката на тоа смрзнато тело, не беше тоа Димитар Илиевски што го видел Фишер туку телото на еден од петте алпинисти од тогашната Чехословачка кои загинале неколку месеци пред тоа во една голема снежна бура.

Телото на Димитар Илиевски беше пронајдено на височина од 8.200 метри на само околу 300 метри од последниот базен логор каде што го чекале Божиќ, Грошељ и Јочевски. На 19 мај, девет дена од трагедијата на Илиевски австрискиот алпинист Курт Стив, враќајки се од неуспешниот обид да го освои Монт Еверест поради екстремно лошо време, минал покрај телото на Илиевски. Добро го познавал, бидејќи заедно минале една недела во вториот базен логор и заеднол се искачувале за да го постават третиот базен логор на височина од 7.300 метри за да се аклиматизираат на тие височини. Го имаше фотографирано телото на смрзнатиот Илиевски што јасно покажуваше дека не згрешил.

Сигурно заспал, беше наведнат на левата страна, со маска со кислород на лицето, со очила. Немаше траги од повреда, им раскажуваше Курт Стив на Димитар Тодоровски и Страшо Лозановски, кои последни чекале слободен термин да се вратат во Македонија. Смрзнатото тело на Илиевски подоцна го има видено и шерпасот Сонам кој бил заедно со Илиевски на врвот, при неговите наредни експедиции, но многу пониско од местото каде што го има видено Стив. Тоа не е ништо чудно бидејќи, поради силниот ветер и лавините, телата на загинатите алпинисти се „движат“ и се претпоставува дека телото на Илиевски се наоѓа сега некаде на околу 6.800 метри.

Кога Курт Стив го видел смрзнатото тело на Димитар Илиевски на бисочина од 8.200 метри, тој бил оддалечен само 300 метри од базниот логор. „Слаткиот„ сон беше побрз од спасот. Колку малку требаше да се избегне оваа трагедија.

Имаше иницијатива, едно време се подготвуваше една експедиција да го симне телото на Илиевски до височина од 4.800 метри каде се спалуваат сите симнати пронајдени смрзнати тела од целиот свет, а потоа доколку се идентификуваат, урните со нивната пепел се испраќаат до семејствата. Но сето тоа беше само иницијатива, бидејќи за ова се потребни големи средства. Згора на тоа е потребна и дозвола од владата на Непал на која се чека мошне долго.

ПРВ ДЕЛ: Тајната остана под Монт Еверест, 32 години од мистериозната смрт на алпинистот Мурато

ВТОР ДЕЛ: 32 години од мистериозната смрт на Димитар Илиевски-Мурато на Монт Еверест: Зошто брзаше Диме?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот