32 години од мистериозната смрт на Димитар Илиевски-Мурато на Монт Еверест: Зошто брзаше Диме?

Димитар Илиевски-Мурато

Стипе Божиќ и Виктор Грошељ, кои заедно со него го освоија Монт Еверест ни раскажаа за последните моменти минати со нашиот алпинист.

Многу пати во овие изминати триесет и две години откако на снежните беспаќа на Хималаите, тука под „покривот на светот“ Монт Еверест остана за секогаш во својата бела гробница еден од најдобрите македонски алпинисти Димитар Илиевски-Мурато е пишувано. За жал останаа многу неодговорени прашања, на кои никогаш нема да добиеме одговор, што се случи со него, зошто не успеа да се врати во базниот логор како што тоа го направија Стипе Божиќ и Виктор Грошељ кои заедно со него го освоија највисокиот врв на светот.

Вистината за неговата смрт ја знае само тој и никој друг. Тајната ја однесе во својата бела гробница, со поглед кон неговата најголема љубов-Монт Еверест, кој секогаш ќе го „гледа“ од непосредна близина.

Имав можност неколку пати да разговарам со Божиќ и Грошељ, да ја слушнам нивната приказна за трагедијата на Димче Илиевски. И двајцата се во едно категорични-Диме непотребно останал предолго на врвот и што е уште полошо, премногу брзал да се врати во последниот логор за да ја подели радоста со своите другари. Според нив тоа се најверојатно причините за неговата смрт, што не значи дека се само тие. Ова се само мислења на двајца искусни алпинисти кои многу пати престојувале на Хималаите.

На патот кон врвот имав проблеми со боцата со кислород и затоа толку задоцнив на врвот, ни раскажуваше Виктор Грошељ. При искачувањето ги сретнав Божиќ и двајцата шерпаси кои се враќаа кон базниот логор. Одеа еден зад друг, полека но сигурно. Кога јас и Диме, кој предолго остана на врвот, наместо да се врати со Стипе Божиќ, тргнавме да се враќаме, тој набрзо ме остави сам , многу брзаше, не сакаше да ме послуша да одиме заедно, еден зад друг, за да си помогнеме ако биде потребно. Времето малку се смири, ветрот застана, ноќта беше светла, но беше многу студено, околу минус 40 степени. Во тоа брзање, на околу 400 метри од логорот Диме дури ги минал и Божиќ и шерпасите, беше одлично физички подготвен, издржлив .Кога јас се вратив во логорот, таму беа Божиќ и шерпасите, но Диме го немаше.

Не знам, навистина не знам што се има случено со него. Мислам дека долгиот едночасовен престој на врвот беше трагичен за него. Потоа 15-часовното напорно искачување до врвот, па неколкучасовното симнување, сето тоа остава траги на организмот, истоштува, попушта концентрацијата, очите се затвораат, сонот, оној вечниот полека доаѓа, тоа е и најголемата опасност за секој алпинист. Претпоставувам дека Илиевски малку скршнал од патот, јас не го сретнав при моето враќање. Тоа може да биде и триесетина метри од патеката по која се враќавме, сосема доволно да не се забележи. На Хималаите, на тие бели беспаќа, човекот е само една мала точка.

И ден денес не можам да го објаснам неговото непотребно брзање по тие хималајски карпи, покриени со снег и мраз, под кои никогаш не се знае што те очекува, беа првите зборови на искусниот Стипе Божиќ. Кога ме стигна на враќањето, замислете, тој тргна од врвот по мене дури по еден час колку само брзаше, го молев да ме почека, имав проблеми со везовите. Двапати ме сочека, но тогаш, ми мавна со рацете и уште побрзо тргна надолу. На околу 8.500 метри височина го загубив од видното поле, почна да се стемнува, повеќе не го видов.

-Мислам дека од големата премореност, застанал малку да се одмори, тука најверојатно го фатила слатка, на овие височини смртоносна дремка од која нема спас ако некој не те разбуди и помогне. Можеби му снемало кислород во боцата, можеби доживеал мозочен удар, кој е мошне чест кај алпинистите на хималајските височини. Претпоставки има многу, на Хималаите еден погрешен потег може да биде трагичен.

Диме Илиевски не одговараше на испратените пораки, иако беше достапен едно време по враќањето од Монт Еверест. Тука на половина пат од врвот до последниот базниот логор заврши неговиот животен пат.

Виктор Грошељ и двајцата шерпаси, откако се одморија тргнаа кон третион базен логор. Божиќ и членот на експедицијата Борче Јовчевски останаа уште два дена на височина од 7.790 метри да го чекаат Димитар Илиевски надевајќи се дека ќе се појави. Не го дочекаа и поради влошените временски услови и тие се вратија во почетниоит базен логор. По Илиевски имаше уште неколкудневна потрага и од другите експедиции кои се наоѓаа на Хималаите, но се беше залудно.

ПРВ ДЕЛ: Тајната остана под Монт Еверест, 32 години од мистериозната смрт на алпинистот Мурато

ТРЕТ ДЕЛ: 32 години од трагичната смрт на Димитар Илиевски-Мурато на Монт Еверест: „Сладок“ сон на чекор до базниот логор

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот