Тага во Црна Гора – загина војник и татко на четири деца, возел цистерна со вода за гасење пожар
Водникот Дејан Божовиќ од армијата на Црна Гора, татко на четири деца, загина во несреќа при обид да однесе цистерна со вода со која требало да се гаси пожар на непристапно, јавија регионалните медиуми.
Препорачано
Несреќата се случила кога цистерната со вода што ја возеле се превртела и се лизнала по стрмна падина покрај патот кон селото Купушќи во Куча, пренесе „Блиц“.
„Помладиот водник Божовиќ бил припадник на 1-виот пешадиски баталјон, оженет и татко на четири деца. Тој бил во Армијата од 2006 година и ја извршувал должноста ракувач со 120-милиметарски минофрлач. Повредениот водник Иковиќ, исто така припадник на 1-виот пешадиски баталјон, а тој е згрижен и префрлен во болница. Тој има сериозни повреди, но во моментов е стабилен и свесен“, соопшти Министерството за одбрана на Црна Гора.
Црногорскиот министер за одбрана Драган Краповиќ изјави дека министерството и војската претрпеле огромна загуба. Краповиќ рече дека несреќата во која загина Дејан Божовиќ, а Марко Ивковиќ беше повреден се случила поради намалена видливост предизвикана од густ чад.
„Густиот чад ја намалил видливоста на теренот и тоа довело до несреќата“, рече Краповиќ.
Министерот рече дека повредениот Иковиќ е на операција на карлицата и има контузија на белите дробови.
„Би сакал да изразам најдлабоко сочувство до семејството Божовиќ и да им дадам поддршка на нивните колеги“, рече Краповиќ.
Во Црна Гора деновиве беснеат големи пожари на отворено, а властите побараа помош во справувањето со нив од ЕУ и НАТО.


