Дуа Липа и Калум Тарнер / Фото: Instagram / dualipa

Сѐ е подготвено за свадбата на Дуа Липа на Сицилија — славни гости и луксузни локации

На 31 мај, Дуа Липа и Калум Тарнер стапија во брак на тајна граѓанска церемонија во Лондон. Свадбата се одржа во општинската зграда Олд Мерилебон Таун Хол, а пејачката за оваа пригода носеше уникатна креација изработена по нарачка. Сепак, тоа бил само почеток на нивната свадбена прослава.

Неколку дена подоцна, парот пристигна на Сицилија, каде што подготвува тридневна свадбена прослава на повеќе локации во Палермо, главниот град на овој италијански остров, пренесува „Вог“. Палермо има посебно место во нивните срца, бидејќи таму престојувале и во текот на летото 2025 година, уживајќи во локалните специјалитети и разгледувајќи ги знаменитостите на градот.

Една од најзначајните локации избрани за прославата е вилата Валгуарнера во Баѓерија, во близина на Палермо. Величествената резиденција била изградена во 1712 година по нарачка на принцезата Ана Гравина, а ја проектирал архитектот Томазо Марија Наполи. Денес оваа барокна палата се смета за едно од највпечатливите архитектонски достигнувања на Сицилија.

Сместена на рид опкружен со раскошни градини и со поглед кон заливите на Палермо и Чефалу, вилата денес е во сопственост на принцезата Виторија Алијата. Токму таму се очекува да се одржи главниот дел од свадбената церемонија, во присуство на семејствата и бројни познати гости.

Меѓу имињата кои се споменуваат како гости на свадбата се музичките ѕвезди Чарли Икс Си Икс, Марк Ронсон, Оливија Дин и Елтон Џон.

Според италијанските медиуми, прославата ќе продолжи и во Галеријата за модерна уметност во историскиот центар на Палермо, како и во палатата Ганги. Токму во оваа палата е снимена прочуената балска сцена од филмското ремек-дело „Леопардот“ на режисерот Лукино Висконти.

Гостите, наводно, ќе бидат сместени во луксузниот хотел „Вила Иџеа“, кој се наоѓа покрај брегот на Палермо и важи за еден од најпрестижните хотели во регионот. Истото место, според медиумските извештаи, го избрале и Дуа Липа и Калум Тарнер за време на нивниот претходен престој на Сицилија.

Што се однесува до модните изданија на невестата, големо внимание привлекуваат можните креации што ќе ги носи за време на свеченостите. По впечатливиот стајлинг за граѓанската церемонија во Лондон, многумина очекуваат нејзините свадбени комбинации на Сицилија да бидат вистинска модна атракција.

Меѓу можните избори се споменуваат креации од францускиот дизајнер Симон Порт Жакмус, со кого Дуа Липа е долгогодишна пријателка, како и модели од италијанската модна куќа „Џи-си-си-ес“. Не се исклучува ниту можноста пејачката да се појави во гламурозна креација на Донатела Версаче, со која соработуваше на специјална модна колекција во 2023 година.

Сите детали околу раскошната свадбена прослава на Дуа Липа и Калум Тарнер се очекува да бидат откриени во текот на викендот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот