Свештениците не отстапуваат, причеста ќе биде од една лажичка

Начинот на причестување во црквите во земјава нема да се промени поради пандемијата од ковид-19 и нема да се користат лажички за една употреба или други импровизации за светата тајна причест, коментираат свештеници за „Слободен печат“.

Владата реши за ноќта, на Велигден, да нема полициски час. Црквите ќе бидат отворени, но МПЦ ги замолува верниците да носат маска и да одржуваат дистанца.

Според свештенството, како што црквите се должни да ги почитуваaт мерките и препораките на здравствените власти за заштита од пандемијата, сепак и правото на вероисповед не треба да биде загрозено. Традицијата долга 10 века, причеста да се дава со една иста лажичка, ќе продолжи и в недела, на најголемиот христијански празник Велигден, велат од црквата.

Отец Горан Стојчевски од МПЦ за „Слободен печат“ објаснува дека Синодот на МПЦ и Вселенската патријаршија решиле начинот на причестување да остане ист.

– Причеста ќе се одвива на ист начин, со една лажичка. Ние веруваме дека тоа се телото и крвта на Христос и ние преку причеста стануваме дел од него. Тој е господар на животот и не веруваме, светотаински, дека би имало каква било опасност по нас. Причестата ќе се одвива како што се одвивала и во изминатите векови – изјави отец Стојчевски.

Граѓаните, главно, ќе бидат во дворовите на црквите

Со него се согласуваат и служителите од другите цркви во земјава што ги контактиравме. Портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј, вели дека ќе се почитуваат мерките на заштита за Велигден, односно ќе се одржува дистанца и верниците ќе носат маска, меѓутоа причестата останува со една лажичка и на слободната волја на секој верник. Тој што е болен и се плаши дека ќе се разболи, да не се причестува, а тие што сакаат да се причестат, тоа да го сторат, повика тој.

– За велигденските богослужби најголем дел од граѓаните ќе присуствуваат надвор. Потоа најголем дел од луѓето ги напуштаат црквите и манастирите штом ќе се каже „Христос воскресе“. Останува еден многу мал број што ја следат ноќната служба до крај. Има можност тие луѓе да црквуваат на соодветно растојание меѓу себе. Никогаш не сме кажале дека нема да причестуваме од една лажичка, туку оној што се сомнева или има резерва, нека не пристапува. Јас, лично, немам сомневање. Ако имало такво нешто, нашите свештеници и ѓакони што ја употребуваат причестата по стотина луѓе што се причестиле со една лажичка, сите требаше да бидат, не дај Боже, починати или заразени – изјави Тимотеј за ТВ24.

Тој ги повикува верниците да се придржуваат кон мерките. Ќе има луѓе на влезовите во дворовите од црквите, кои ќе потсетуваат на мерките.

Не е стриктна догма, не може да се менува тукутака

Теолошкиот аналитичар Георги Тасев од Православната охридска архиепископија вели дека причеста е света тајна и иако не е стриктно догматско прашање, не може да се менува тукутака.

– Иако начинот на причестување во црквата не е догматско прашање и има литургии, како, на пример, литургијата на светиот Апостол Јаков каде што верниците не се причестуваат со лажичка, сепак повеќе од 10 века лажичката се користи како начин на кој се причестуваат луѓето. Во тие 10 века што поминаа, се случиле еден куп пандемии, војни и секакви други непријатности, но не се случувало причина за болест да биде причеста. Напротив, секогаш причеста е причина да се исцелат болните, зашто православните христијани веруваат дека тоа е тело и крв Христова. Нарушување на човековите основни права и слободи е да се забрани некому да се причести. Да, со посебни мерки почитуваме што налага државата, но сите треба да се издигнеме и на едно ниво каде што се почитува слободата на вероисповед – вели Тасев.

Коментарите на свештените лица околу несогласувањата меѓу медиумите што алармираат дека е опасно да се причестуваат луѓето од една лажичка, и црквата која се придржува до преданието, се дека такви несогласувања мора да има, зашто медиумите се занимаваат со вести и вистини од вчера, а црквата со апсолутна вистина која е вековна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот