Свечља: Во нападот во Бањска учествуваше и соработникот на синот на Александар Вучиќ

Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља објави дека во рамките на истрагата за нападот на 24 септември во Бањска кај Звечане пронајдени се личните документи и автомобилот на лицето Милорад Јевтиќ, за кого тврди дека е познат како еден од најблиските соработници на Данило Вучиќ, синот на српскиот претседател Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

На својата страница на Фејсбук, Свечља објави фотографии од косовската лична карта и српската возачка дозвола на Јевтиќ, како и од запленетото возило со белградски регистерски таблички, за кое вели дека е во негова сопственост.

– На местото каде што се случи нападот, полициските единици ги пронајдоа личните документи и автомобилот на Милорад Јевтиќ, што докажува дека тој бил во единицата што ја нападна косовската полиција. Терористот Милорад Јевтиќ е познат како еден од најблиските соработници на Данило Вучиќ, синот на српскиот претседател Александар Вучиќ, напиша тој.

Според косовскиот министер за внатрешни, од последните пет посети на синот на Вучиќ на Косово, тој и Јевтиќ четири пати биле заедно во ист автомобил, за што како доказ објави извод од записниците на косовската полиција од граничните премини.

– Исто така, Милорад Јевтиќ е идентификуван како еден од напаѓачите на војниците на КФОР на 29 мај во Звечане. Останува безбедносните органи и истрагите да откријат дали покрај Вучиќ и високите српски државни структури, во планирањето и организирањето на терористичкиот напад во Бањска и Звечани бил вклучен и неговиот син, напиша Свечља.

На 24 септември, вооружена група ја нападна косовската полиција во Бањска кај Звечане, при што беше убиен еден полицаец и ранети двајца други. Во судирот со полицијата, кој уследи потоа, загинаа тројца од напаѓачите. Остнатите неколку десетици побегнаа и, според косовските власти, се засолнија на територијата на Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот