Судијата Садула Изаири, кој бил директор на „Пошта“, доби најмногу гласови за член на Судски совет
Судијата Садула Изаири, кој бил избран за судија во Тетовскиот суд во 2008 година, доби најмногу гласови на изборите за член на Судскиот совет од редот на судиите припадници на етничките заедници кои се над 20 отсто во државата.
Препорачано
Гласањето за ова испразнето место се спроведе вчера во сите судови низ Македонија од 8 до 15 часот, а Изаири добил 179 гласови од вкупно 390 судии кои гласале.
Прелиминарните резултати од гласањето Комисијата за спроведување на избори на членови на Судскиот совет, ги соопшти вчера доцна попладне.
-Вкупно гласачи кои се запишани во Изборниот именик се 418 од кои вкупно гласале 390 гласачи, односно 93% од гласачите. Неважечки гласачки ливчиња вкупно има 12 – рече претседателот на оваа Комисија, судијата Осман Шабани.
За ова место беа пријавени вкупно шестмина судии Африм Јакупи, судија на Апелацискиот суд Гостивар, Улбер Хасани, судија на Основниот граѓански суд Скопје, Хасан Асани, судија, претседател на Основниот суд Тетово, Џемали Саити, судија на Врховниот суд и Шпреса Граинца-Османи, судија на Основен кривичен суд Скопје.

Сите други пријавени кандидати добија значително помал број гласови од Изаири, Јакупи 67 гласа, Хасани, 26 гласа, Асани 25, Саити 58, а единствената пријавена жена, најмалку, 23 гласа.
Ова се прелиминарни резултати, а конечните ќе треба да бидат соопштени денеска. Кандидатите беа утврдени на седница на Судскиот совет кон средината на месецов.
Според биографијата на Изаири, што е јавно објавена, тој дипломирал на Правниот факултет во Приштина, а правосуден испит положил на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Прво работел во приватна фирма, бил секретар во општина Боговиње, бил адвокат, а еден период и директор на Македонски пошти.
-Од 1998 година до 2000 година работи како управител во приватна фирма во Тетово. Од 2001 година до 2005 година работи како секретар во Општина Боговиње, Тетовско. Од 2005 до 2006 година работи како Адвокат во Тетово. Од 2005 година до 2008 година работи како генерален директор во Македонски пошти. Во 2008 година со одлука на Судски совет на Р.М е избран за судија во Основен суд Тетово – стои во неговата биографија објавена на веб-страницата на Тетовскиот суд.
Новоизбраниот член ќе го замени Ханиф Зендели од Апелациониот суд Гостивар, на кого месецов му истече мандатот. Советот веќе доби две нови членки, на предлог на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова. Собранието со мнозинство гласови за членки на Советот ги изгласа адвокатката Сузана Јошевска – Анастасовска и професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ.


