Јошевска / Кадри Шахиновиќ / Фото: „Слободен печат“

Судскиот совет има нови членови – кои се адвокатката и професорката со богати биографии и препораки?

Професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ, пак, освен својата богата професионална биографија доставила дури девет препораки, меѓу кои се и тие од академик Владо Камбовски и од професорот по кривично право Гордан Калајџиев, но и од други професори, од адвокатски друштва и организации.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предложи, а Собранието ги изгласа двете кандидатки, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ, за нови членови на Судскиот совет.

Нивните богати биографии, мотивациските писма, оградувањето од политички влијанија и препораките од академици и од професори, само ги зголемија и онака големите очекувања од нив, да ја вратат довербата во телото кое со години е мета на критики, скандали и политички влијанија.

Претседателката пред Собранието ги претстави како реформаторки, исклучително стручни и професионални. За Шахиновиќ гласаа 63 пратеници, 15 беа против и еден воздржан, а за адвокатката гласаа 81 пратеник, осум беа против и еден беше воздржан. Единствено ДУИ јавно се изјасни против Шахиновиќ бидејќи беше во Комисијата за помилување на претседателката која си поднесе колективна оставка.

Ветуваат интегритет пред политика и популарност

 

Сљановска, која го чекаше новиот Закон за судски совет за да предложи свои кандидати, но и јавноста, очекуваат новите членки на Советот да ја вратат довербата во телото што со години е мета на критики, испреплетено со скандали и политички влијанија.

Адвокатката Јошевска-Анастасовска и била студетка на претседателката, а во јавноста е позната по своите јавни ставови за речиси сите скандали во правосудството, во своето мотивациско писмо, кое е јавно објавено, ветува професионален интегритет пред популарноста и пред краткорочните лични интереси.

– Како адвокат сум работела на предмети што барале правна прецизност, лична издржливост и професионална храброст. Дел од тие предмети биле проследени со зголемено јавно внимание, дел со политичка чувствителност, а дел со тешки човечки судбини. Ова искуство ми овозможи реално да ги согледам не само правните, туку институционалните слабости на судството, како и јасно да препознаам каде системот функционира, а каде затајува, односно каде одлуките имаат последици што далеку ги надминуваат поединечните случаи. Настојував доследноста кон правните принципи да биде поважна од удобноста и конформизмот, а професионалниот интегритет поважен од моменталната популарност и краткорочните лични интереси. Сум работела во различни општествени контексти, без притоа моето дејствување да биде условено од политичка припадност, идеолошка блискост или дневната јавна перцепција – пишува таа во мотивациското писмо.

Нејзината цел е Судскиот совет да се развива како институција што ја штити независноста на судиите, но истовремено да воспоставува и јасни и правнички стандарди на одговорност.

– Одлуките на таква институција не мора секогаш да бидат популарни, но мора да бидат аргументирани, разбирливи и засновани на принципи што можат јасно да се објаснат и одбранат пред јавноста. Уверена сум дека довербата во судството се гради преку професионализам, отвореност и институционална соработка, а не преку конфронтација или изолација.

Препораки од Камбовски, Калајџиев

 

Професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ, пак, освен својата богата професионална биографија доставила дури девет препораки, меѓу кои се и тие од академик Владо Камбовски и од професорот по кривично право Гордан Калајџиев, но и од други професори, од адвокатски друштва и организации.

Таа беше дел од Комисијата за помилување, која си даде оставка откако беше помилуван еден од водачите на наркогрупата „Барон“. Доаѓа од местото професор на приватниот МИТ Универзитет, а работела и на ФОН.

И претседателот на Советот, Александар Камбовски, верува дека претседателката избрала вистински професионалци, кои ќе придонесат во работата на Судскиот совет.

– Претседателката е, пред сè, правник, професор и не се сомневам во нејзиниот избор и верувам дека избрала вистински професионалци, кои ќе придонесат во работата на Судскиот совет – одговори Камбовски на новинарско прашање.

Овие предлози Сиљановска ги искористи за да каже дека не е извршител на партијата ВМРО-ДПМНЕ, која ја предложи за кандидат, иако била советник во поранешното Специјално јавно обвинителство, омразената институција на владејачката партија.

Адвокатката Јошевска – Атанасовска и професорката Кадри Шахиновиќ се реформаторките кои ги предложи претседателката

– Судскиот совет е рентгенот, микроскопот, во него треба да седат луѓе кои ќе треба да оценуваат врз основа на тоа што го имат како квалификација, но и врз основа на интегритетот и дигнитетот…Во правото најважни се законитоста, уставноста, етиката, бидејќи само таков орган ќе може да одлучува за дисциплинска одговорност, за избор на судии, разрешување судии…рече претседателката.

Новите членови ќе ги заменат испразнетите места на Миљазим Мустафа и поранешната претседателка на Судски совет, Весна Дамева.

Ќе се поништи огласот за полицискиот инспектор

По критиките во јавноста на местото на Селим Адеми на седне вработен во СВР Тетово, без никакво судиско искуство, претседателот Африм Гаши најавува распишување на нов оглас, односно полицискиот инспектор Аљбан Кадриу кој помина на Комисијата за избори и именувања, да биде заменет со член кој ќе се избира по новиот Закон за судски совет.

-Според најавите на Комисијата за избори и именувања ќе треба да протолкуваат дали ќе има нов оглас по новиот закон. Тој оглас беше по стариот закон мислам дека најдобро ќе биде да има нов оглас по новиот закон и да се поништи претходниот. За тоа ќе решава комисијата за избори и именувања – рече Гаши на брифинг со новинарите.

Со изборот на двете нови членки на Судскиот совет, остануваат уште две испразнети места во ова тело. Според најавите ќе се распишува нов оглас за местото на Адеми, а веќе е во тек прцедурата за избор на член на местото на Ханиф Зендели, од редовите на судиите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот