Судењето на Латас и Лазаров одложено за 19 јуни

Фото: МИА

Судењето на новинарот Драган Павловиќ Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, обвинети за кривичното дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, се одложи за 19 јуни, откако одбраната побара да им се достават во целост доказите со кои располага Обвинителството со цел да можат да ја комплетираат одбраната.

Првообвинетиот Павловиќ посочи дека сака транскрипт на содржината од цедињата кои се докази во предметната постапка, на што претставниците од Обвинителството рекоа дека обвинетите имале доволно простор да ги побараат сите потребни докази од нив, но дека немаат ништо против нивното барање.

Латас побара да се приложи целата емисија која е предмет на обвинение, со цел да не биде извадена од контекст.

-Целата емисија може да даде заклучок, а не само изваден контекст од една минута и тоа коментиран како своја лична проценка, како смеа, рече Латас.

Одбраната остана на ставот да им се достават сите потребни докази за да можат да ја комплетираат одбраната.

Латас во гостување во емисијата на Лазаров раскажа дека на 15-годишна возраст тој и неколку другари злоставувале и силувале девојка. Додека Лазаров, свесен за влијанието што го има содржината што ја емтиува, особено кај младите, не го спречи соговорникот, туку го наведува со коментари и прашања да го раскаже спорниот настан.

На Латас, Кривичниот суд му одреди превентивна мерка заради присуство, односно привремено одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал, додека на Лазаров му одреди мерка претпазливост за забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал.

Според Кривичниот Законик, тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, како и верско уверување, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Случајот го води судијката Диана Груевска Илиевска, која рече дека одбраната имала доволно време да ги побара сите докази кои им се потрени, но за да не се повреди правото на одбрана, рочиштето ќе биде одложено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот