Судење „Мито за кревет на Геријатрија“: Обвинет тврди дека телефонот од директорот го нашол по селските кафеани, а „колку нули толку кули“ било шега
Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето каде ексдиректорот на Геријатрија, Мухсин Арифи заедно уште едно лице Блерим Амити се обвинети дека ѝ барале мито на неподвижна пациентка за долгорочно да ја сместат во установата.
Препорачано
Арифи се товари дека за да ја згрижи во болница 42-годишната пациентка Искра С., која била неподвижна и во тешка здравствена состојба, побарал поголема сума пари од нејзината старателка на пациентката, што обвинетиот Блерим Амити, наводно како посредник, ги примил.
Како што извести ОЈО ГОКК, посредникот беше фатен на самото место со 20-те илјади евра кои старателката ги набавила претходно, а полицијата ги обележала.
Адвокатот на Мухсин Арифи, Скендер Мехмети, прво предложи двајца сведоци, ама откако тие се појавија во судница да сведочат, одненадеж ги повлече. Тоа беа психијатарката во Геријатрија, доктор Маја Спирова и докторката Деспина Милошевска Еврушоска, кои си заминаа без да бидат сослушани бидејќи беа викнати, па повлечени од страна на одбраната на првообвинетиот Мухсин Арифи.
На предлог на одбраната, нотар до судот го достави договорот за доживотна издршка кој бил склучен меѓу старателката на пациентката и пациентката.
Адвокатот на обвинетите Скендер Мехмети ја испрашуваше д-р Лидија Ветеровска Миљковиќ, специјалист по интерна медицина и претседателка на Управниот одбор на Геријатрија. Таа рече дека во болницата работи 27 години, ја познава процедурата за прием на пациент на болничко лекување и ја опиша процедурата за болнички прием.
Според неа, крајната одлука за сместување на пациент во установата ја има директорот. Директорот, рече докторката, на дневно ниво секое утро после лекарскиот состанок ја добива листата на чекање за хоспитализација и заедно со раководителите одлучува кој пациент ќе биде примен тој или наредниот ден.
-За да се смести во болничкиот оддел пациентот добива упат од матичен лекар преку „Мој Термин“ во кој е образложена потребата да се смести лицето врз основа на претходни специјалистички мислења за состојбата на пациентот. Врз основа на овој упат, преку „Мој Термин“ и специјалистичко консултативните амбуланти се прегледува пациентот или документацијата и се поставува индикација од страна на докторот во амбуланта дека тоа лице е потребно да се стави на листата за чекање во установата. Откако ќе се стави на листата на чекање врз основа на дијагнозите и тежината на состојбата, стручниот колегиум заедно со директорот одлучуваат лицето да се прими, рече таа.
Болничарот вели дека никогаш не бил вработен на Геријатрија, а телефонот од директорот го нашол од селските кафеани
Адвокатот Мехмети го испитуваше Блерим Амити, обвинет дека ги зел 20-те илјади обележани евра од старателката на пациентката. Тој сведочеше дека никогаш не бил вработен во Геријатрија, а директорот Мухсин Арифи го знаел зашто биле соселани. За пријавителката на случајот, старателкта на пациентката, рече дека ја познавал од порано, бидејќи била ангажирана при разводот на неговиот брак а комуникацијата продолжила и според него – „му била како другарка“.
Амити рече дека пријавителката инсистирала во неколку наврати тој да стапи во контакт со директорот на болницата и дека таа наводно „му се жалела оти директорот не ги прифаќа парите што таа му ги давала“.
– Јас знам дека Мухсин ниту зема пари и нема што да му пречам. Таа инсистираше да одам да го прашам Мухсин што е проблемот зошто ги вратил тие пари назад. Ми се јави и тогаш ѝ реков „еве за твоја почит ќе му се јавам на Мухсин за да го прашам што е проблемот“. После овој разговор го побарав бројот на Мухсин, по селските кафани, го најдов бројот, отидов кај него а Мухсин рече дека никој не му понудил пари ниту пак знае за пациентката, рече Амити.
Според него, самата старателка на пациентката барала средба со директорот, на средбата инсистирала таа да добие сместување во Геријатрија.
-Цело време таа правеше притисок пациентката да биде сместена. Во еден момент намерно ја испровоцирав и таа се изнервира. Во тие моменти видов некои сомнителни лица преку стаклото на локалот, при што излегов надвор да пушам цигара. Кога се вратив ја прашав кој е нејзиниот интерес, на што ми одговори дека станот ќе ѝ остане нејзе, сведочеше обвинетиот Амити.
На прашање од неговиот адвокат каква била провокацијата, тој рече:
-Кога директорот ѝ рече на неа дека пациентката е млада, можеби во тие моменти не беше во ред јас така да се изразам ама ѝ реков „дај ми ја да ја омажам“ во смисла на пациентката, како шала, при што таа го сфати тоа многу сериозно и реагираше нервозно, рече Амити.
На барање на адвокатот Блерим да објасни како од сума од 2 илјади евра дошло до тоа да се разговара за 20 илјади евра, Амити рече:
-Таа инсистираше да одам да ги земам тие 2 илјади евра. Мене тоа ми дојде како потценување бидејќи никогаш не сум побарал пари од никого во мојот живот. И не знаев како да ја откачам и на шала ѝ реков „една нула една кула“. Така дојде до тоа, односно ѝ реков „на бројот 2 илјади додај една нула“ за да не ми додева повеќе. Намерата ми беше да ја тргнам од тоа што инсистираше, бидејќи видов дека нешто не е во ред, рече обвинетиот.
Според него, директорот на Геријатрија никогаш директно не побарал пари ниту примил, туку пријавителката нудела.
На прашањето зошто се сретнал со неа на 8 април, Амити одговори дека „кај амбулантата јадел бурек и таа му се најавила телефонски дека за 15 минути ќе дојде“.
-Јас ѝ реков да побрза, имам работа, не можам да ја чекам. На излез од бурекџилницата ја видов неа како доаѓа со возило. Кога ме виде мене, приметив дека се однесува како изгубена и не застана кај влез на болницата, туку отиде кај школото погоре со возилото. Пешки отидов накај неа и забележав некои лица што ѝ кажуваа како да се паркира, не знам дали беа цивили или полицајци. Приметив дека нешто таму е сомнително, рече Амити додавајќи дека „на оваа средба ниту видел ниту допрел пари“.
-Не видов пари, првпат парите ги видов тука во судница кога ги покажавте на монитор, рече Амити додавајќи дека „немало муабет претходно таа да донесе пари“.
На прашањето зошто Амити на видеоснимката од посебните истражни мерки ѝ кажува на пријавителката да заедно да одат во менувачница тој рече дека „сакал таа да го однесе до раскрсницата кон Кондово“.
-Да, ѝ реков така бидејќи видов сомнителни лица и мислењето ми беше да ме однесе до раскрсницата кон Кондово. Таа не се согласи рече не ја мрдам колата од тука и се создаде гужва. Тогаш ми ја фрли таа ќесата во мене и ми рече „кај сакаш оди сега со овие“. И излезе од возилото. И јас сакав да се разберам зошто така нервозно реагира во еден момент изгубив контрола врз себе, бев под стрес имаше многу луѓе наоколу, сведочеше обвинетиот.
Обвинителката Искра Хаџи Василева го праша Амити „дали менувачницата што ја барал била на раскрсницата кон Кондово“ на што тој одговори потврдно.
-Можеби бидејќи на шега била понудата за женидба со Искра, веројатно дадена откако слушавме во оваа судница за постоењето на два нејзини стана, можеби од катастарските документи кои вие сте ги прибавувале, но прашањето ми беше за другата шала со „кулите и нулите“. Нели директорот го слушнавме на снимка, како изрично го бара целиот износ од 20 илјади евра до понеделник а вие самиот се претставувате како посредник?, праша обвинителката.
Амити одговори дека не се претставил како посредник.
Екс-директорот на Геријатрија Мухсин Арифи во своето сведочење рече дека со жената што го пријави за примање поткуп се сретнал 3 пати во животот. Првиот пат според него, дошла во неговата канцеларија преку познаник од Фејсбук да бара да се смести пациент. Потоа тврди тој, дошла уште еднаш заедно со брат ѝ во канцеларија, па со братучедот. Според Арифи, извесна докторка Маја во Геријатрија одлучила дека пациентката не е за таму, бидејќи била премлада и имала дијагнози што не биле за на Геријатрија. Сето тоа, тврдеше директорот ѝ го кажал на старателката, но таа инсистирала на хоспитализација.
Инаку, од денот откако Арифи и Амити се приведени, пациентката е сместена токму во оваа јавно-здравствена установа каде претходно ја сметале за неподобна да влезе и каде во секој момент на листата на чекање има над 200 лица.
-Втората средба беше во кафуле каде од неа побарав да ми каже кој ѝ побарал пари. Таа рече дека човекот што првично ги испрати, им побарал 2 илјади евра но бидејќи не можел да заврши работа ѝ биле вратени парите. Ѝ се заблагодарив што ми ја разјасни ситуацијата. Кажав дека немало потреба пари да се даваат на некого зашто пациентката не е за кај нас и не може да се прими. После таа средба беше упорна, па на Блерим му реков дека не е нормално некој да инсистира толку многу за некој што не е за хоспитализација во таа болница. И претходно сум имал странки за пациентки кои не биле за таму, и биле со разбирање кога ќе сме кажеле дека не е за кај нас, рече екс-директорот Арифи.
На прашањето зошто со 200 пациенти на листата на чекање, баш за оваа пациентка директорот инвестирал повеќе средби и зошто разговарал за нејзиниот имот, тој одговори дека сакал на Блерим да му докаже дека „намерите на старателката за пациентката не се добри“
Директорот рече дека не потпишал никаков документ за прием на пациентката зашто таа „не била планирана“ за прием во Геријатрија.
Завршните зборови судот ги закажа за 12 јануари во 10 часот во Кривичниот суд Скопје.


