Судење за „27 април”: Се сослушуваат сведоци предложени од одбраната на Јанакиески

Фото: МИА

Со сослушување на сведоци предложени од одбраната на Миле Јанакиески денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, продолжува судењето за организаторите на случувањата во Собранието на 27 април 2017 година.

Сведокот Оливер Дерковски, рече дека во периодот 2016-2017 година немал партиска функција и само бил член на Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека, иако бил член на повеќе вибер групи, не бил член на никаква таква група поврзана за случувањата пред Собранието, како и дека немал никаква комуникација во врска со протестите на „За заедничка Македонија” со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Прв, денеска, беше сослушан сведокот Владимир Неловски, кој рече дека на 27 април 2017 година, позавршување на работното време со Диме Спасов и Владимир Стојковски бил во ресторанот „Баба Цана” и откако виделе што се случува околу 19 часот се упатиле пред Собранието, каде останале до 21 часот.

– Бидејќи имавме најава за седница на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а јас тогаш бев член, се упатив во штабот на 8-ми кат. Имаше присутни повеќе луѓе. Таму се сретнав со Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, Зоран Ставревски и повеќе тогашни функционери на партијата, изјави Неловски.

Седницата на Извршниот комитет започнала некаде после полноќ.

– Заклучок на седницата беше дека насилствата треба да се осудат и дека најголем губитник од случувањата е партијата ВМРО-ДПМНЕ. Седницата траеше до раните утрински часови и после неа изјава даде и тогашниот претседател на партијата Никола Груевски. Потоа си заминав дома, изјави сведокот.

На денешното рочиште треба да бидат сослушани уште шест сведоци.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Ивана Трајчева.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот