Нова студија: Сите хормонски контрацептиви го зголемуваат ризикот од рак на дојка

Фото: Wikimedia Commons

Сите хормонски контрацептиви носат благо зголемен ризик од рак на дојка, вклучително и сè попопуларните таблети кои содржат само прогестоген, покажа истражувањето објавено во вторникот.

Претходните студии открија зголемен ризик од рак на дојка од двохормонските или комбинираните контрацептиви кои користат и естроген и прогестоген, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).

Иако употребата на контрацептивни средства кои содржат само прогестоген е во пораст повеќе од една деценија, претходно беа спроведени малку истражувања за нивната поврзаност со ракот на дојка. Студијата, објавена во списанието „ПЛОС медисин“ (PLOS Medicine), открила дека ризикот од развој на ракот на дојка кај жените е приближно еднаков за хормоналните контрацептиви кои користат и естроген и прогестоген како и за оние кои користат само прогестоген.

Според студијата, жените кои користат хормонална контрацепција имаат 20 до 30 отсто поголем ризик од развој на рак на дојка од оние кои не ги користат. Наодите се слични на оние објавени претходно, вклучително и големата студија од 1996 година.

Студијата исто така потврдила, како и другите, дека ризикот од рак на дојка се намалува во годините откако жената ќе престане да користи хормонална контрацепција.

Стивен Дафи, професор на Универзитетот Квин Мери во Лондон, кој не учествувал во студијата, ги опишал наодите како „охрабрувачки бидејќи ефектот е скромен“.

Студијата опфатиla податоци од речиси 10.000 жени на возраст под 50 години кои развиле рак на дојка помеѓу 1996 и 2017 година во Велика Британија, каде што употребата на контрацептивни средства кои содржат само прогестоген сега е исто толку распространета како и комбинираниот метод.

Џилијан Ривс, професорка по статистичка епидемиологија на Универзитетот Оксфорд и коавторка на студијата, рекла дека постојат неколку објаснувања за сè поголемата употреба на контрацептивни средства кои содржат само прогестоген. Се препорачуваат за жени кои дојат, кои се изложени на ризик од кардиоваскуларни проблеми или пушачи постари од 35 години.

„Можеби тоа е само затоа што жените сега веројатно земаат хормонална контрацепција во подоцнежните години“, рекла Ривс. „Значи, тие се природно изложени на поголем ризик од оние други состојби за кои ризикот е зголемен со комбинираните контрацептиви“, заклучила таа.

„Никој не сака да слушне дека нешто што го зема ќе го зголеми ризикот од рак на дојка за 25 отсто. Овде зборуваме за мошне мало зголемување на апсолутниот ризик. Овие зголемувања на ризикот од рак на дојка, се разбира, мора да се гледаат во контекст на она што го знаеме за многуте придобивки од земањето хормонални контрацептиви. Не само во однос на контролата на раѓањето, туку и затоа што знаеме дека оралните контрацептиви всушност обезбедуваат значајна и долгорочна заштита од други видови на карциноми кај жените, како што се ракот на јајчниците и рак на ендометриумот“, рекла Џилијан Ривс.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот