Студија: Во светот би се испуштале речиси 700 милиони тони помалку штетни гасови ако сите возат велосипед

велосипеди

Во светот би се испуштале речиси 700 милиони тони помалку штетни гасови секоја година – повеќе од годишните емисии на Канада – доколку сите возат велосипеди, се нагласува во ново истражување.

Транспортниот сектор во моментов е одговорен за речиси четвртина од емисиите на стакленички гасови од согорувањето на горивото, пренесе Франс 24.

Половина од тие емисии доаѓаат од автомобилите, а сообраќајот се очекува да се зголеми тројно до средината на векот.

Во обид да го декарбонизираат транспортот, владите и индустријата се свртеа кон електрични возила. Само минатата година се продадени 6,75 милиони од нив.

Секоја година се следи и објавува бројот на продадени возила. Потешко е да се следи производството и продажбата на многу постаро возило со ниска емисија на штетни гасови – велосипедите.

Меѓународен тим на истражувачи сега ја состави првата база на податоци за сопственоста и употребата на велосипеди по земја, користејќи статистички моделирање за да ги пополни празнините во информациите.

Се наведува дека помеѓу 1962 и 2015 година, производството на велосипеди го надмина производството на автомобили. Повеќе од две третини од 123 милиони велосипеди произведени во 2015 година се однесуваат на Кина.

Во списанието Communications Earth and Environment, научниците покажаа дека сопственоста на велосипеди е генерално поголема во побогатите земји – но и автомобилите се користат повеќе таму. Тоа покажува дека големиот број на велосипеди не мора да значи и голема употреба на тоа возило на две тркала.

Меѓу 60-те земји вклучени во истражувањето, велосипедите се користат за патување само во 5 проценти од случаите. Во некои земји едноставно недостасуваат велосипеди, а во други, каде што ги има многу, тие се користат за рекреација, а помалку како превозно средство.

Доколку секој патувал на работа како Данците, кои во просек возат велосипед по 1,6 километри, светот би можел да испушта околу 414 милиони тони јаглерод диоксид помалку секоја година, пресметале научниците. Ова одговара на годишните емисии во Велика Британија.

Ако секој возеше велосипед колку Холанѓаните, кои патуваат по 2,6 километри дневно, светот ќе „заштедеше“ 686 милиони тони.

„Глобалната политика за возење велосипед и развој на инфраструктурата ќе овозможат транзиција на холандски и дански начин и ќе доведат до значителни, досега неискористени придобивки за климата и здравјето“, напишаа авторите.

Тие веруваат дека оваа двојна придобивка бара подобро собирање податоци за велосипедите и дека постои „итна потреба да се промовира одржливото користење на велосипедите преку поддршка на политиките, планирање и развој на инфраструктурата“.

Водечкиот автор на студијата, Ганг Лиу, професор на Катедрата за зелена технологија на Универзитетот во Јужна Данска, рече дека истражувањето покажало дека велосипедите имаат важна улога во намалувањето на јаглеродниот отпечаток на глобалниот сообраќај во иднина.

Лиу истакнува дека не е неопходен само технолошкиот напредок за промени во сообраќајот.

„Потребни се и стратегии за промени во побарувачката, како што се алтернативни модели на мобилност – заеднички транспорт, транспорт по барање и споделување на возење – како и замена на автомобили на кратки растојанија со возење велосипед“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот