Кампања за крводарителски акции на факултетите под мотото „Хуманоста на испит", Фото: Слободен печат

Студентите полагаат тест на хуманост

Институтот за трансфузиона медицина спроведува крводарителски акции во четири универзитетски кампуси – Клиничкиот центар „Мајка тереза“, потоа ФЕИТ, во кампусот на Прироодноматематичкиот факултет и кампусот на Универзитетот „Кирил и Методиј“.

Студентите постојано имаат предизвици да полагаат испити, ама сега најголем испит за нив е испитот на хуманоста, нагласи доктор Горан Андонов, раководител на одделот за планирање, организација и реализирање на крводарителство при Институтот за трансфузиона медицина во кампањата за крводарителските акции на факултетите под мотото „Хуманоста на испит”.

Институтот ги заврши крводарителските акции во средните училишта ширум земјава, по што од минатата недела продолжи да работи во четирите универзитетски кампуси, меѓу кои оние кај Клиничкиот центар „Мајка тереза“, потоа ФЕИТ, кампусот на Прироодноматематичкиот факултет и кампусот на Универзитетот „Кирил и Методиј“.

– Сакаме да им се заблагодариме на сите студентски собранија кои имаа позитивна улога во кампањата со нивната позитивна енергија и беспрекорна координација. Откако почна наставата со физичко присуство, направивме кампања во средните училишта, но не сакавме да ги загубиме студентите. Една од главните цели за нас е да развиваме крводарителство кај младите и да ги регрутираме, затоа што старосната граница кај крводарителите расте и просечната возраст е 47 години – рече Андонов.

Во рамките на на кампањата „Хуманоста на испит” веќе тече натпревар меѓу факултетите и на ова поле. Најдобрите три факултети според бројот на крводарители ќе добијат златен, сребрен и бронзен пехар на хуманоста кои ќе ги доделуваме со нивните декани и со претставници на студентите.

– Кампањата се очекува да заврши на почетокот на февруари, потоа што ќе продолжиме со нова. Сакаме со нив да соработуваме и во иднина – додава доктор Андонов.

Во крводарителските акции кои почнале минатата недела и уште траат, учествувале и шефовите на катедри, па така крв дарувале и професорите Соња Бојаџиева, Тања Макаровска Бојаџиева и Горан Димитров од клиниките за педијатрија, трансфузиологија и гинекологија.

– Студентите направија прекрасни анкети и анализи и ни помогнаа со точен план, така што знаевме секој ден колкумина од нив ќе даруваат крв за да можеме полесно и ние да се организираме – вели доктор Садула Усеини, директор на Институтот за трансфузиона медицина.

Откако ќе бидат реализирани овие активности, Институтот за трансфузиона медицина ќе организира дебата меѓу студентите и свои претставници за да придобие иницијативи, предлози и идеи како да продолжи крводарувањето во земјава во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот