„Студентарија“: Според кои правила ЈСП одбива бесплатен превоз за дел од редовните студенти во Скопје?
ЈСП Скопје одбива да им ги продолжи годишните билети за бесплатен јавен превоз на дел од редовните студенти на додипломски студии, иако тие формално имаат статус на редовни студенти и се запишани во тековната академска година, реагира студентската платформа „Студентарија“.
Препорачано
До Студентарија во изминатиот период пристигнале бројни пораки и реакции од студенти на државните факултети во Скопје.
„На шалтерите на ЈСП било одбиено продолжувањето на билетот со образложение дека имаат останато само еден или два предмета за полагање, или само дипломски труд. Според сведоштвата на студентите, им било кажано дека немаат право на бесплатен билет бидејќи немаат ‘доволно запишани предмети’, иако ваков услов не е јавно објавен, ниту е содржан во некоја позната одлука или правилник“, забележува Студентарија.
View this post on Instagram
Истовремено, посочува платформата, други студенти – исто така редовни и на прв циклус на студии – без проблем ги продолжуваат своите билети, што според Студентарија отвора сериозно прашање за нееднаква и произволна примена на истата мерка, од страна на јавното претпријатие на Град Скопје.
„Оваа пракса ЈСП Скопје ја применува со години наназад, но досега минувала без поширока јавна реакција и без јавно преиспитување. Според кои правила постапува ЈСП?“, прашуваат од Студентарија, нагласувајќи дека, по разгледување на повеќе документи, не нашле основ по кој формално се оправдува ваквата пракса.
Според Студентарија, не постои јасен и јавно достапен документ со кој се утврдува: минимален број на предмети како услов за бесплатен превоз, или исклучување на студентите во завршна фаза од студиите.
„Дипломскиот труд за студентите е обврска во рамки на додипломските студии, се запишува и се евидентира од факултет и подразбира активен студентски статус. Студент со дипломски труд не е ‘веќе завршен студент’, туку студент во завршна фаза“, соопштува платформата.
Меѓу другото, од платформата сметаат дека недостигот од транспарентност и јасни критериуми создава несигурност, конфузија и чувство на неправда кај студентите, особено кај оние кои се во завршна фаза од студиите и секојдневно го користат јавниот превоз.


