Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Стојановски: Фаворити сме против Ирска, но тоа мораме да го покажеме на терен

Следен предизвик за најдобрата македонска кошаркарска репрезентација во претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година, ќе биде гостувањето против селекцијата на Ирска. Меч кој ќе се игра денеска од 18.00 часот во Националната арена во Даблин каде според најавите од страна на домаќините ќе има околу 2.000 гледачи.

Како и многу пати досега, Војдан Стојановски го носеше нашиот тим кон победата на средбата одиграна пред неколку дена во Скопје против Азербејџан. Но, тоа е веќе минато, а сите мисли овие два-три дена од престојот во главниот град на Ирска се насочени токму кон вечерашниот дуел:

– Ирците се поквалитетен противник од Азербејџан. Но, она што ние мораме да го сториме е да ја оправдаме фаворитската улога на терен. Најважно е да ја играме нашата игра, да покажеме 40 минути борба како против Азербејџан, ако го сториме тоа резултатот нема да изостане – се зборовите на Стојановски.

Искусниот 37-годишен репрезентативец смета дека оваа екипа која ја имаме во овој момент има квалитет да биде прва во ова друштво:

– Убедливо го совладавме Азербејџан, но искрено, тоа не е мерило за квалитетот бидејќи сме далеку подобра селекција. Она што можам да го кажам е дека имаме добра група на момци кои работат напорно, гинат за секоја топка на теренот и покажуваат карактер, што е најава за уште подобри резултати во иднина. Јас сум убеден дека можеме да играме далеку поквалитетно, особено кога би биле комплетни со враќањето на Димитријевиќ и на Маслинко. Ме радува тоа што атмосферата е на највисоко ниво. Имаме добри услови за работа, што е предуслов и за добри резултати. Искрено, мислам дека не ни е местото во оваа група. Односно дека имаме многу поголем квалитет од нив, а тоа сакаме да го покажеме на терен. Да бидеме први во групата и да се пласираме во главните квалификации, и да играме со репрезентации кои се на нашето ниво – вели Стојановски.

ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2029

ГРУПА А

ДВОЈКИ 2. КОЛО (30 НОЕМВРИ)

15.00: Азербејџан – Луксембург
18.00: Ирска – Македонија

ТАБЕЛА

1.МАКЕДОНИЈА 1 1 0 87:49 2 бодови

2.Луксембург 1 1 0 89:77 2

3.Ирска 1 0 1 77:89 1

4.Азербејџан 1 0 1 49:87 1

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот