Стил на неделата: Бранка Јанковска, сопственичка на „Пепер“

Илинка Делчева, хроничар на културни настани и соработник во „PopUp“, за „Женски печат“ одбра стил на неделата, а според неа, тоа е Бранка Јанковска, сопственичка на „Пепер“.

Што и да значи тоа, за мене е Бранка Јанковска. Затоа што зрачи уметност. Препознатлива по својата кратка црвена коса и оригинална фризура која со години не ја менува, а секогаш изгледа различно во зависност од разместеноста на прамените и шишките. Секоја средба со Бранка е празник за очи, не може да не го забележите прекрасниот прстен што го одбрала за денот или впечатливиот ѓердан – уметничко дело. Секогаш носи најшизички чевли и уникатна чанта. Асиметричните парчиња облека и шаренилото од бои и се секојдневен предизвик за комбинација. Бранка, затоа што е пролет, разиграна и цветна. Бранка, затоа што се радува на животот – неуморна, весела, насмеана и со планови за патувања. Нераздвојна од својот велосипед, украсен со корпа, цвеќиња и шарени ѕвончиња. Сакачка на кучиња.

Работи во Швајцарската амбасада, но веќе единаесет години успешно ја води и својата необична сендвичара „Пепер“. Необична затоа што и „Пепер“ дише со креативноста на Бранка. Менито се менува во зависност од годишните времиња и новите трендови во исхраната. Секојдневно изненадуваат со нови домашни пити, вкусни колачи и сендвичи во боја. Љубовта на Бранка кон различното, на скопјани им го подари Фестивалот на јадење книги. Десетта година по ред, заедно со Букбокс, во „Пепер“ се организира еднодневно дружење на кое посетителите од дома носат направени јадења инспирирани од наслови на книги. По оценувањето од страна на жири-комисија се вкусуваат творбите и продолжува спонтана журка каква што е и самата Бранка. Непредвидлива, секогаш различна и оригинална.

Илинка Делчева

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот