Британскиот премиер Кир Стармер / EPA-EFE/ANDY RAIN

Стармер од Минхен: Британија ќе распореди воени бродови во Арктикот

Како Европа, мораме да застанеме на свои нозе. Тоа значи да бидеме похрабри, да ги оставиме настрана ситните политики и краткорочните калкулации. Тоа значи да дејствуваме заедно за да изградиме посилна Европа и посилен, поевропски НАТО, изјави британскиот премиер Кир Стармер.

Британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека Обединетото Кралство годинава ќе распореди носечка ударна група од воени бродови во Арктикот, објави „Скај њуз“.

Говорејќи на Минхенската безбедносна конференција во саботата, премиерот изјави дека овој потег е демонстрација на посветеноста на Британија кон своите сојузници.

– Денеска можам да објавам дека Обединетото Кралство годинава ќе ја распореди нашата носечка ударна група во Северниот Атлантик и во Арктикот, предводена од (носачот на авиони, н. з.) ХМС Принс оф Вејлс, која ќе дејствува заедно со САД, Канада и со други сојузници од НАТО во силна демонстрација на нашата посветеност на евро-атлантската безбедност – изјави тој.

Трамп се заканува дека ќе го напушти НАТО поради Гренланд

„Данска не прави доволно“

Ова доаѓа по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на годинава дека сака да ја преземе контролата врз Гренланд. Трамп тврдеше дека Данска, под чиј суверенитет е Гренланд како автономна територија, не прави доволно за да го одбрани од закани од Русија и Кина.

Стармер во својот говор силно ја нагласи посветеноста на европската безбедност.

Подоцна САД се повлекоа од ваквите закани, но геополитичката клима и понатаму изгледа сè понесигурна.

Русија продолжува со војната во Украина – потег што премиерот го оцени како „огромна стратешка грешка“.

„Мора да дејстуваме заедно, да ги оставиме ситните политики“

Тој ја повтори и својата посветеност на членот 5 од Повелбата на НАТО – еден од темелните принципи на Алијансата.

Овој член предвидува дека напад врз една членка се смета за напад врз сите.

– Затоа им порачувам на сите членки на НАТО: нашата посветеност на членот 5 денес е подлабока од кога било. И да нема дилеми, доколку бидеме повикани, Обединетото Кралство би дошло во ваша помош уште денес – рече тој.

Доколку членот биде активиран, тоа би можело да значи испраќање илјадници британски војници на фронтот.

Но, Стармер порача дека мораме „да бидеме подготвени да се бориме“ и да направиме сè што е потребно за да ги заштитиме „нашите луѓе, нашите вредности и нашиот начин на живот“.

– Како Европа, мораме да застанеме на свои нозе. Тоа значи да бидеме похрабри, да ги оставиме настрана ситните политики и краткорочните калкулации. Тоа значи да дејствуваме заедно за да изградиме посилна Европа и посилен, поевропски НАТО – додаде тој.

„Русија направи стратешка грешка со Украина“

Стармер оцени дека војната против Украина била сериозна стратешка грешка на Москва, со огромни човечки загуби, но дека Русија и покрај исцрпувањето продолжува интензивно да ги зајакнува своите воени капацитети.

Тој предупреди дека, според проценките, Русија би можела да биде подготвена да употреби сила против НАТО до крајот на деценијата, истакнувајќи дека Западот не тежнее кон конфликт, туку кон траен мир, стабилност и почитување на меѓународното право. Дополнително, Стармер нагласи дека заканите од Москва не се ограничени само на боиштата, туку се манифестираат и преку хибридни операции, сајбер напади и саботажи низ Европа.

ВИДЕО | Село во Англија претворено во украински фронт – еве како Британците вежбаат како да се борат против Русите

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот