Али Ахмети митинг Кичево Фото: Фејсбук Ахмети

Стари волци во нови рува: Ахмети претура од шупливо во празно без визија за реформа на ДУИ

Најавата за голема чистка, која требаше да внесе млада и свежа енергија во раководството на ДУИ, се сведе на ротација на потпретседатели и генерални секретари, а веројатно за повторно да се задоволат апетитите на сопартијците, се изнедрија пет, наместо досегашните четири потпретседатели.

Петтиот Конгрес на ДУИ не покажа, ниту навестува дека лидерот на партијата Али Ахмети и интегративците се подготвени за голема и суштинска реформа по поразот на локалните избори. Ова е впечатокот од Конгресот и тоа не само поради реизборот по петти пат на лидерот и на старо-новото партиско раководство, туку пред сѐ поради понудата за „Национален договор за напредок“ или новиот договор што Ахмети го понуди за државата. Ни „Р“ од најавените кадровски реформи, барем во врвот на партијата, ниту, пак, нова понуда на програмските определби. Најголема промена, се чини, претрпе Генералниот совет на партијата.

Најавата за голема чистка, која требаше да внесе млада и свежа енергија во раководството на партијата, се сведе на ротација на потпретседатели и генерални секретари, а веројатно за повторно да се задоволат апетитите на сопартијците, се изнедрија пет, наместо досегашните четири потпретседатели. Новите имиња кои седнаа во потпретседателските фотелји се поранешната пратеничка Арта Биљали Зендели и градоначалникот на Липково Еркан Арифи, кој е меѓу ретките кои победи на локалните избори.

Арбр Адеми и Фатон Ахмети си ги сменија позициите, односно Адеми од потпретседател сега е новиот ген-сек на партијата, додека Ахмети од досегашен генерален секретар е избран за потпретседател.

Бујар Османи, иако ги изгуби локалните избори во Чаир, останува потпретседател, како и пратеничката Арбана Пашоли.

Неби Реџепи, поранешен државен секретар во Министерството за екологија, е нов организациски секретар на местото на Блерим Беџети, кој испадна и од Централното претседателство, а Арбеша Влаши секретар за еднакви можности.

Реорганизација и обнова на структурите: ДУИ денеска ќе го одржи петтиот конгрес

Измени претрпе Генералниот совет во кој повеќе нема место за старите кадри Теута Арифи, Талат џафери, Блерим Беџети, Фатмир Дехари, Беким Незири, Џеват Адеми, Ејуп Рустеми. Муса Џафери и Садула Дураку повеќе не се дел од надзорниот совет на партијата.

Во Централното претседателство останува Бајрам Реџепи, досегашен потпретседател, но и кандидат за градоначални на Тетово кој изгуби на изборите, како и поранешниот министер за образование Јетон Шаќири и пратеникот Илир Хасани.

Впечатливо е дека во ЦП е Шкодране Дардишта, позната по заканите дека чизмите од 2001 година ги чува на таван.

Иако Ахмети во говорот рече дека петтиот Конгрес не е само организација на партијата, туку почетна точка за нова фаза од политичкиот и од државниот развој на земјата, сепак новиот договор, којшто го понуди, не нуди ништо што веќе не сме го слушнале изминатите 24 години откако постои ДУИ.

Новиот договор всушност нуди веќе слушнати предлози како целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години.

Ветинг со меѓународен мониторинг ДУИ нуди изминатите речиси 10 години. А веќе неколку таканаречени ветинзи партијата спроведе во своите редови, но без конкретен резултат бидејќи партиските проверки не изнедрија ниту едно звучно име за кое има сомнеж за непотизам, корупција или криминал.

Ахмети ќе ги менува сите, освен, се разбира – себе!

„Извршниот Бандентер“ е рециклажа

Лидерот на ДУИ предложи и воведување на „извршен Бадентер“ при избор на владата. И ова е старо барање на интегративците, односно станува збор само за преименување на делот од „мајскиот договор“ кој обезбедуваше победник со победник да прави Влада.

Принципот победник со победник токму Ахмети го прекрши кога по изборите во 2016 година, во 2017 година по долги преговори за владин партнер го избра СДСМ иако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите. Оттогаш принципот победник со победник не функционира. Изборот на влада со двојно гласање би значело за владата освен со мнозинство од вкупниот број пратеници да гласа и мноинството од заедниците.

И барањето за примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд веќе беше понуден од Ахмети. Ова во пракса би значело Уставниот суд со двојно гласање да одлучува за поништување на законите кои се донесени со Бадентеровиот принцип, односно освен носењето на одлуките со мнозинство, уставните судии од заедниците да мора да дадат виза за односниот закон. И понудата за нова фаза на функционална и фискална децентрализација не е новиина.

Три мерки за совршен крој

Според Ахмети, иницијативите имаат за цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја зацврстат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.

– Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Во таа насока, предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид. Прво, избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер. Секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието, не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници – рече Ахмети.

Ова, според него, ќе овозможи Владата да ужива двоен легитимитет и реално да ги претставува сите заедници.

– Овој механизам обезбедува двоен демократски легитимитет и гарантира реална застапеност на сите етнички заедници, како и зачувување на меѓуетничката кохезија на највисоките нивоа на извршната власт – смета Ахмети.

Како втора мерка, лидерот на опозициската ДУИ ја посочи примената на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд.

– Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав. Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите  – рече Ахмети.

Трета мерка е продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа, односно, како што рече, „финансиска автономија на единиците на локалната самоуправа, преку правична распределба и враќање на даночните и таксените приходи во општините каде што тие се создаваат“.

„Треба да се прочешла сѐ уште од почетокот на СФРЈ“

Во делот за владеењето на правото, Ахмети изјави дека ДУИ ја поддржува идејата за темелна истрага на потеклото на имотот, приватизацијата и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека „правдата не смее да биде селективна“.

Најави дека нивниот предлог за „Национален договор за напредок“ ќе ги обедини сите заедници и експерти за заедничка визија на државата „во која достоинството е гарантирано, а соништата се остварливи“.

Ахмети ги повика младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат во, како што рече, процесот за изградба на европска иднина, бидејќи „иднината не се гради со поделби, туку со еднаквост, не со експерименти, туку со државничка одговорност“.

На Конгресот, партијата усвои четири резолуции – за зајакнување на унитарниот карактер на државата и за консолидирање функционална еднаквост, за владеење на правото, независното судство и за враќање на довербата во институциите, за национален договор за напредок и одржливиот развој на државата и за европската интеграција.

Никој не е казнет, а згрешени се 21.957 изводи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот