Стари тркачи за новата изборна трка

Христијан Мицкоски со дел од коалициските партнери / фото: ВМРО-ДПМНЕ

Коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека жестоко, праведно и принципиелно ќе иницира и ќе поддржи акции на правната држава кои треба да ја вратат разнишаната доверба на граѓаните во институциите на државната власт, рече вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и повика на масовна излезност

Привршува составувањето на изборните листи со кандидати за пратеници во шесте изборни единици во Македонија, а според роковникот на Државната изборна комисија, листите со кандидати треба да се достават најдоцна до вторник, 2 април.
Официјално, предизборната кампања за претседателските избори ќе почне в четврток, на 4 април, а за парламентарните дури по 20 дена, на 18 април. Партиите не брзаат да ги објават своите предизборни програми на веб-страниците, ниту слоганите под кои ќе се борат за гласовите на граѓаните. Делови од нивните програми и решенија засега можат да се дознаат преку партиските јавни настапи, дебати и интервјуа.

ВМРО-ДПМНЕ утре на конвенција ќе ги соопшти конечните листи со кандидати за пратеници, кога ќе биде познато кои од коалициските партнери ќе добијат добитни позиции на листите и во кои изборни единици. Денеска партијата потпиша повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на Коалицијата која е наречена „Твоја Македонија“ и во која членуваат рекорден број, 24 партии и организации, меѓу кои и довчерашни партнери на владејачката СДСМ, како Достоинство, Социјалдемократската унија, Обединетата партија за целосна еманципација на Ромите, Македонски концепт, Демократскиот сојуз, Обединети за Македонија и ТМРО. На потпишувањето на повелбата беше и претседателката на Глас за Македонија, Солза Грчева.

– Коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека при реализацијата на програмата за претседателските и парламентарните избори целосно ќе се води од принципите на одговорност и транспарентност. Врвни приоритети за членките се развојот на економијата, економскиот раст, домашните и странски инвестиции, како услов за отворање нови работни места и подобар живот на граѓаните. Недвосмислена и цврста борба против корупцијата и намалување на обемната бирократијата се наш носечки предизвик, бидејќи цврсто веруваме дека праведноста во општеството е основен предуслов за вкупен развој на татковината. Коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека жестоко, праведно и принципиелно ќе иницира и ќе поддржи акции на правната држава кои треба да ја вратат разнишаната доверба на граѓаните во институциите на државната власт – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе води позитивна кампања

Тој повика на масовна излезност на гласачите, затоа што, како што рече, неизлегувањето на овие избори подразбира поддршка за неодговорната и криминална власт.

– Затоа излезноста е клучот. Промените се во ваши раце – рече Мицкоски.

Вчеравечер, Централниот комитет на партијата ги усвои листите за пратеници. Носител на Првата изборна единица е Мицкоски, а зад него е партиската потретседателка Гордана Кочовска Димитриевска. Во „двојката“ носител е Владо Мисајловски, а зад него е Жаклина Пепшевска, во „тројката“ носител е Драган Ковачки, па следува Никола Мицевски. Во ИЕ4 носител на листата е Александар Николоски, па следува Антонијо Милошоски, во ИЕ5 носител е Ѓорѓија Сајковски, па Олга Лозановска, а во „шестката“ прва е Дафина Стојановска, а зад неа е Александар Велјановски.

На листите во шесте изборни единици забележливо е присуството на голем број актуелни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, што, пак, беше причина за реакција од СДСМ, која оцени дека „Белата палата потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата и со ДПМНЕ е можно само враќање назад“.

– Составот на листите за пратеници на ДПМНЕ потврдува дека во ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е партија свртена кон минатото. Повеќе од 80 отсто од кандидатите се истите пратеници кои спроведуваа активни блокади на Собранието, правеа опструкции и кочеа сé што е во интерес на граѓаните и државата. Тоа се истите лица што во време на криза ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите, беа и против минималната плата и против членството на државата во НАТО и против евроинтеграциите, тропаа и вревеа со вувузели додека во парламентот зборуваше Урсула фон дер Лајен. Нивната работа изминатите четири години ја одбележаа одолговлекувања, бесмислени реплики, „штанцање“ илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од ДПМНЕ – соопшти денеска СДСМ.

Според оваа партија „изборот пред граѓаните ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“.

Прашан за коментар за обвинувањата на СДСМ, Мицкоски вчера рече дека е нормално дека Димитар Ковачевски ќе бара начин да го мобилизира своето членство и коалицијата што застана зад него и дека „нема да развее бело знаме и да рече готово е“.

– Ние сме фокусирани на позитивна кампања, а гледаме дека власта се фокусира на црна, негативна камања, и тоа е можеби дел од одлуките какви политики ќе води СДСМ во следниот месец, а ние сега сакаме да излеземе со понуда на решенија на проблемите. Нема да е ништо ново ако сега кажеме дека тие не чинат, кога тоа го чувствуваат над 80 отсто од граѓаните. Тоа е јасна перцепција во јавноста. Ние сакаме да вратиме надеж дека може поинаку и дека не се сите политичари исти – рече Мицкоски, кој во своето обраќање вчера противничката партија ја нарече СДСМ, а до вчера ја нарекуваше СДС.

За актуелните пратеници, од кои голем дел се на листите и за идни пратеници, Мицкоски рече дека е задоволен од нив затоа што покажале карактер, обединетост и досега невидена цврстина и ги штителе интересите на државата и граѓаните кога било потребно.

– Ценам дека најголемиот дел од нив кои ќе бидат дел од следниот пратенички состав, овојпат како убедливо мнозинство, сложно ќе поддржат еден рефорсми процес во кој ќе биде трансформирана Македонија, онака како што сакаше нашата генерација да ја види – рече Мицкоски.

И ДУИ врвот на листите го „закити“ со функционери

И ДУИ вчеравечер ги скрои листите со кандидати за пратеници во кои на првите места доминираат партиски претседатели, функционери, пратеници и министри. На Зијадин Села, кој завчера одлучи со своето крило од Алијанса на Албанците да не настапи самостојно на изборите, туку да се приклучи кон Европскиот фронт на ДУИ, му е дадено носителското, првото место во Петтата изборна единица, а зад него е Муса Џафери, кој беше дел од групата „Огнени“ што се отцепи од ДУИ. Уште еден поранешен „огнен“ е во врвот на листите, Блерим Беџети, кој е носител во ИЕ1.

Во Шестата изборна единица, традиционално носител на листата ќе биде партискиот лидер Али Ахмети, а зад него е техничкиот премиер Талат Џафери. Потоа следува место за Илире Даути од Алијансата за Албанците, како и за Мендух Тачи од ДПА. На чело на Петтата изборна единица е бизнисменот Исмаил Јахоски, а во кумановско-липковскиот крај, во ИЕ2, листата ќе ја предводат Садула Дураку и Скендер Реџепи Зејд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот