Фото: Фејсбук / Христијан Мицкоски

Стануваме целосно поврзани со соседните електроенергетски системи со 400 киловолти далновод од ТС „Битола 2”- вели Мицкоски

Со овој проект за првпат мојата држава станува целосно поврзана со сите соседни електроенергетски системи, што значи повеќе сигурност за граѓаните, повеќе стабилност за стопанството и повеќе можности за развој, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на поставување камен-темелник на 400 кV далновод од ТС „Битола 2“ на граничниот премин Ќафасан, на македонско-албанската граница.

Тој нагласи дека денес не зборуваме само за еден инфраструктурен проект, туку за нешто многу поголемо – за поврзување, за стабилност и за иднината на мојата држава во европското енергетско семејство.

-Интерконективниот далековод Битола–Елбасан не е обичен далновод. Тој е симбол на една затворена празнина која со години стоеше како пречка на нашиот пат. Коридорот 8, кој треба да биде артерија на економијата, долго време имаше прекин во својата енергетска мрежа. Денес, со овој проект, таа празнина конечно се затвора- рече Мицкоски.

Тој истакна дека со изградбата на овој 400 киловолтен далновод, долг околу 100 километри, ја воспоставуваме последната енергетска врска што недостасува со нашите соседи.

-За првпат, мојата држава станува целосно поврзана со сите соседни електроенергетски системи. Тоа значи повеќе сигурност за граѓаните, повеќе стабилност за стопанството и повеќе можности за развој. Во енергетиката нема изолирани системи. Нема затворени кругови. Секој систем дише заедно со другите. Токму затоа, оваа интерконекција не е само национален проект – таа е дел од европската енергетска мрежа. Таа подразбира баланс, сигурност и способност да интегрираме нови извори на енергија, посебно фокус ставаме на обновливите, кои се иднината- кажа Мицкоски.

Премиерот оцени дека овој проект бил еден од најкомплексните со коишто се соочиле како влада.

-Кредитот бил обезбеден уште во 2015 година. Договорот потпишан во 2020 година. А реализацијата речиси непостоечка. Наместо градежни активности, годините беа потрошени во преговарања, одложувања и обиди за промени на цените. Беше набавен само дел од опремата, без суштински напредок на терен. И тука доаѓа суштинската разлика. Ние не дозволивме овој проект да остане уште една пропуштена можност. Донесовме храбра, но неопходна одлука – да се раскине договорот кој не даваше резултати. Одлука донесена по длабока анализа, со форензичка поддршка, со меѓународни консултанти и во координација со ЕБОР. Ја заштитивме државата. Ја зачувавме инвестицијата. Повеќе од половина од веќе набавената опрема останува во сопственост и ќе се искористи. Не дозволивме ниту еден ден повеќе да се губи, ниту едно евро, денар да се потроши на страна. Потоа следеше најтешкиот дел – рестарт на проект кој со години стоел во место. Се соочивме со правни, технички и организациски предизвици. Со имотно-правни прашања. Со потребата од усогласување со меѓународни стандарди и ФИДИК правила. Со обврска да го вратиме проектот во живот без да ги изгубиме веќе вложените ресурси – вели Мицкоски.

Тој потсети дека со транспарентна постапка преку системот на ЕБОР, избрале нов изведувач, согласно највисоките европски стандарди и оти, како што кажа, тоа е гаранција дека овој пат работите ќе се движат и нема да стојат.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот