Српските власти му замерија на известувачот во ЕП Пицула: Тој поттикнува тензии во државата

Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ, коментирајќи ги оценките на известувачот на Европскиот парламент, Тонино Пицула за случувањата во Србија, изјави дека „изјавите на претставници на ЕП се несоодветни и неоправдано критички настроени кон Србија“, соопшти вечерва Министерството, според „Еуроњуз“.

„Внимателно ги следевме новите изјави и коментари на господинот Тонино Пицула во врска со последните внатрешнополитички случувања во Србија. Овие изјави ги сметаме за несоодветни и неоправдано критички настроени кон Србија. Ваквите изјави од него за жал може да придонесат за подигање на тензиите во јавната сфера, наместо да се охрабрува решавањето на политичките разлики на терен на мирен и конструктивен начин“, рече Ѓуриќ во писмената изјава.

Пицула вчера ги коментираше студентските протести во Србија, осудувајќи ги нападите врз студентите кои блокираат улици барајќи одговорност за трагедијата со падот на настрешницата во Нови Сад. Европратеникот-известувач за Србија во Европскиот парламент и поранешен шеф на хрватската дипломатија рече дека „протестите мора да бидат безбедни, а гледам дека со тоа има многу проблеми и во Србија“, како и дека „клучот за демократијата е граѓаните да можат да ги изразат своите политички ставови без страв, да изразуваат противење на некои владини одлуки и да протестираат доколку некои одлуки не се донесат“.

Изјавите на Пицула, оцени српскиот министер Ѓуриќ, „јасно служат и за дискредитација на Србија на меѓународната сцена“.

„Србија е постојано посветена на зачувување на стабилноста, почитување на човековите права и владеењето на правото. Секој конкретен инцидент треба да се решава институционално, во согласност со правните и демократските принципи, а не преку унилатерални политички пораки, кои ја предодредуваат вината и разумно може да се сфатат како пристрасни“, рече Ѓуриќ.

Тој оцени дека „во овој момент е клучно сите актери, вклучително и господинот Пицула, да вложат напори за смирување на тензиите, градење доверба и разбирање“.

„Србија останува посветена на соработката, зајакнувањето на социјалниот дијалог и владеењето на правото, еднакво кон сите актери“, рече Ѓуриќ.

Известувачот за Србија во ЕП: Младите се иднината, апсурдно е да се нарекуваат „странски агенти“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот