Среќна вест: Полицијата, активистите и вработените во „Лајка“ го најдоа кучето што беше украдено кај „Бисер“

Денеска е среќен ден за љубителите на животни и активистите за заштита на животните, како и за вработените во ЈП „Лајка“. Тие во соработка со полицијата од Куманово го најдоа и го спасија од неизвесна иднина големото куче кое минатата недела беше украдено од пред трговскиот центар „Бисер“ во скопски Аеродром. Како што за „Слободен печат“ посведочи девојката што ја пријавила кражбата, минатиот четврток, две лица го украле кучето кое постојано се движело во кругот на „Бисер“, го врзале со ланци и го ставиле во гепек од автомобил со кумановски регистарски ознаки по што го напуштиле местото. Кучето има ушна маркичка и било пријавено во полиција дека е украдено.

Активисти од Скопје денеска ни испратија фотографии дека во соработка со полицијата и вработени во ЈП „Лајка“ го спасиле кучето, за кое имаше стравови дека е украдено за да биде злоупотребувано и измачувано во крволочни борби на кучиња, пракса која се случува и во која страдаат големите кучиња како ова, бидејќи станува збор за мешавина со шарпланинец.

Со полициска придружба, денеска тие отидоа во кумановското село Матејче каде било однесено и украдено кучето. Отишле во домот на луѓето што го украле, го одзеле и го спасиле.

-Беше врзано за дебело јаже. Немаше ни вода ни храна пред него. Оттука ќе биде однесено во „Лајка“ додека да му најдеме дом, изјави за „Слободен печат“ една од активистките што беше во спасувачката мисија и ни испрати фотографии. 

Инаку кога полицијата зборувала со момчето што го украде кучето и го однесе во Матејче, тоа се бранело дека многу му се допаѓало кучето, не го зел за борби туку да му биде миленик, а неодамна имал слично куче но му се загубило па затоа го зел ова куче.

Фотографиите може да ги видите во продолжение, на нив е кучето со заловувачот Тони од ЈП „Лајка“ и успешната мисија за враќање на ова куче миленик на граѓаните од скопски Аеродром.

Кучето украдено од пред ТЦ „Бисер“ спасено од полицијата и активисти на „Лајка“
Кучето кое беше украдено од пред ТЦ „Бисер“ спасено од крадците што го однесоа во кумановско „Матејче“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот