Средба со Васил Хаџиманов: Албумот „Ќејф“ е како мелем на душата

Прес-конференција во МНТ – Виктор Филиповски, Васил Хаџиманов и Тони Китановски

Еден од највлијателните џез-фјужн ансамбли на Балканот, Васил Хаџиманов бенд, концертно ќе го претстави новиот студиски албум „Ќејф“ (Keyf) на 12 април во Македонскиот народен театар.

Албумот „Ќејф“ е осмото студиско остварување на Васил Хаџиманов бенд и содржи девет песни во продукција на Васил Хаџиманов, Марко Периќ и Тони Китановски. Хрватската издавачка куќа „Кроација рекордс“ го објави во дигитален и во ЦД-формат. Снимањето и продукцијата на албумот се реализирани со „Gdi For The Arts“ и „Кроација рекордс“.

Албумот носи интересни музички гости, иновативни аранжмани, автентична звучна естетика и креативни експерименти со различни музички стилови и ритми.

Васил Хаџиманов е музичар со единствен сензибилитет. Како пијанист, композитор, аранжер и педагог, тој е незаменлива врска на регионалната џез-сцена и поединец кој во себе носи дел од своите предци кои, секој на свој начин, ги обележале музичките простори на Балканот.

Потпирајќи се на богатото искуство во областа со фолклорот, Васил Хаџиманов е автор што правилно ја сфатил пораката од своите предци и таа инспирација ја преточил во автентичен музички израз. Како потомок на истакнати музички фигури, како Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ, Васил не само што ја наследил, туку и ја продолжил богатата музичка традиција на Балканот, како едно „југословенско“ дете.

– Во џез-музиката се заљубив уште кога бев тинејџер. Уште во тоа време филозофијата на џезот беше сеприсутна околу мене, бидејќи уште тогаш сфатив дека нумерите никогаш не се исти, дека импровизацијата е многу важен фактор во музиката и дека секогаш, како музичари, си оставаме простор да можеме да ги менуваме нумерите. Тоа е суштината на џезот, да можеш во кој било момент да навлезеш во кој било правец. Затоа го користиме терминот „фјужн“, бидејќи дозволува обединување на повеќе различни правци и стилови во музиката – кажа Васил Хаџиманов на прес-конференција што на 21 март се одржа во Македонскиот народен театар.

Покрај Хаџиманов, во составот на бендот членува и тапанарот Виктор Филиповски, кој е автор на една нумера од албумот. Додека, еден од продуцентите на албумот е македонскиот џез-гитарист и композитор Тони Китановски. Тој третпат соработува со Хаџиманов, а ќе настапи на концертот како специјален гостин.

На прес-конференцијата во МНТ Васил Хаџиманов објасни како е избран насловот „Ќејф“ не само за една композиција, туку за целиот албум.

– После сѐ она што се случи со ковид-пандемијата, сите болести, умирања и ужаси, некако мене ми беше логично да се направи музика која е како некаков лек, како некој мелем. Наместо да го отсликаме, што е на некој начин задача на уметникот, времето во кое живееме, и да направиме мрачен, грозен и здодевен албум, одлучивме да најдеме поинаква верзија. Така што сите композиции се многу лесни и непретенциозни, и на аранжерски и на кој било друг начин. Мислам дека така е подобро. И потоа некако имаше смисла така да се нарече албумот. Нешто како ова е за твој ќејф – одговори Васил Хаџиманов на новинарско прашање.

Специјални гости на албумот се Марта Хаџиманов, Љубомир Милановиќ, Александар Петров, Газменд Бериша и Тони Китановски. Членови на бендот на Васил Хаџиманов се Растко Обрадовиќ и Ратко Даутовски, кои ќе го изведуваат материјалот заедно со Мирослав Товирец и Виктор Филиповски.

Фокусот на концертната промоција во Скопје ќе биде на албумот „Ќејф“, но ќе бидат изведени и теми од претходните албуми на бендот, а најавени се и повеќе специјални гости.

Концертот на Васил Хаџиманов Бенд е во организација на „А Продукција“, Македонскиот народен театар и „Филхармонија Кафе Бар“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 223, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот