Наградата „Менада“ на Роксан Стојанов ѝ ја врачи кореографката Рисима Рисимкин

Средба со Роксан Стојанов, Ѕвезда на Париската опера и добитничка на наградата „Менада“: Најважно е да бидеш искрен на сцената

Наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност на „Танц фест Скопје“ годинава ја доби Ѕвездата на Париската опера Роксан Стојанов, која неколку денови беше присутна во Скопје и имавме можност да оствариме средба со неа пред врачувањето на наградата.

Огромна благодарност, силна возбуда и искрени емоции изрази Роксан Стојанов, Ѕвезда на Париската опера, во миговите кога ѝ беше врачена наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност на свеченото отворање на 21. „Танц фест Скопје“ на 29 април во Македонскиот народен театар. Иако доаѓа од врвот на хиерархијата во исклучителниот балетски ансамбл на Националната опера во Париз, Франција, Роксан изрази голема почит кон најзначајниот фестивал од областа на танцовата уметност кај нас.

– Наградата „Менада“ за мене е голема чест, бидејќи не е само признание за мојата работа од моите први чекори на балетската сцена до ден-денес, туку е и признание од земјата каде што почнав да се занимавам со балет. На мои 7-8 години одев во балетското школо „Туту“ кај професорката Ирена Лозинска. По две години, поради работата на татко ми, се преселивме во Брисел, каде што продолжив да одам на балет. Потоа никогаш не сум се вратила во Македонија за настан поврзан со балет и сега првпат доаѓам тука за да ја добијам наградата „Менада“. За „Танц фест“ знам дека е голем фестивал и затоа мојата чест е уште поголема – изјави Роксан Стојанов за „Културен печат“.

Роксан Стојанов со наградата „Менада“

Таа е родена во семејство на мајка Французинка и татко Македонец, кој бил роден во Гевгелија. Роднините на Роксан во Македонија се од страната на татко ѝ. Во Македонија доаѓала во текот на летните одмори да се види со семејството и пријателите, но сега првпат дојде поради настан поврзан со балетската уметност.

По заминувањето во Брисел со семејството Роксан продолжила со балет, а од својата 12-та до 18-тата година балетската уметност ја изучувала во школо на Париската опера. На свои 18 години полагала испит и била примена во Париската опера. Потоа поминала низ пет степени на напредување за да стигне до највисокиот – Ѕвезда на Париската опера.

– Не можат сите да станат Ѕвезда во Париската опера и целиот процес не оди по автоматизам. Тоа е тежок и долг пат кој бара многу работа, многу жртвување и големо трпение. Прво треба да добиеш номинација од директорот на Операта, па потоа стануваш Ѕвезда. Во Париската опера има 154 балерини, а има само осум Ѕвезди. Целиот систем е како пирамида и воопшто не е лесно да се стигне до врвот на пирамидата. На почетокот ми беше сон, а сега тој сон ми се оствари. Во целиот процес најважно е да бидеш искрен на сцената, да играш за публиката и заедно со нас да ја водиме низ приказната што ја раскажуваме со одредено балетско дело – објасни Роксан.

На сцената Роксан сака да игра во претстави и со класичен и со современ стил. Вели дека со работа сѐ е можно, иако балетот е тешка уметност и бара многу работа и трпение, но на крајот резултатот навистина вреди. Откако станала Ѕвезда, знае дека ќе ги добива главните улоги и ќе има можност да работи дела во различни стилови.

Нејзина желба е да игра во сите балети од Рудолф Нуреев, бидејќи се тешки за изведба и се дел од репертоарот на Париската опера, но се најубави за играње. Во миговите кога ја прими наградата „Менада“ ја претставуваше Париската опера во Македонија, а уште една нејзина желба е во иднина да може да ја претстави македонската балетска сцена во Париската опера.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 279, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.5.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот