Србите на Косово: Барикадите се отстрануваат, недовербата останува

Косово барикади/ Фото: STRINGER / AFP / Profimedia

Отстранувањето на барикадите ќе започне од четврток претпладне, изјави синоќа српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата зад затворени врати со претставниците на Србите од Косово и Кризниот штаб во касарната во Рашка, каде можеше да се слушне загриженоста од Србите дека гаранциите дадени од ЕУ и САД нема да се почитуваат.

Од утре предпладне почнува отстранувањето на барикадите, тоа не може да се направи за два часа, дали за 24 или за 48 часа, барикадите ќе се отстранат, но недовербата не е отстранета. Тие што мислат дека можат да си играат со животите на Србите и нивниот опстанок, тие треба да знаат дека, како што до сега не сме дозволиле сите заедно, а особено вие, нема да дозволиме ниту во иднина. Денес на ниту еден Србин не му се случи ништо лошо. Добивме хартии кои во формално-правна смисла нешто ни значат, ќе можеме да зборуваме за право и правда, за туѓи ветувања. Нема ништо лошо во нив, рече Вучиќ.

Тој го прочита и заклучокот на штабот од барикадите во кој се наведени работите што се бараат, како што рече, и од него како претседател и од државата за се што следува и бидејќи немаат верба во Курти.

Ако апсењата продолжат, тие засекогаш ќе го затворат северот на Косово, ќе постават барикади кои никогаш нема да се отстранат, и кои за Приштина ќе бидат граница која никогаш нема да ја преминат. Бараат ветување дека никогаш нема да има признавање на Косово и дека Косово е територија на Србија. Јас ги замолив да го почитуваат она за што дојдов, да ги замолам да ги тргнат барикадите и да дадат шанса за дијалог, мир и доверба, кажа Вучиќ.

Тој додаде дека мора „да им веруваат на тие луѓе дека ќе го почитуваат она што го кажале и ќе го спречат такво однесување на режимот на Курти”.

Ако тоа не се случи, сè што можам да кажам е дека, како што реков вечерва, каква и да донесете одлука, можам и неморам да се согласам со неа, вашата држава ќе биде со вас. Што се однесува до мене, ако почнат да апсат Срби поради барикадите, што и да превземете после тоа, ќе ја имате поддршката од српската држава и мојата лична поддршка, порача Вучиќ.

Тој, како одговор на новинарско прашање, истакна дека ова нема никаква врска со враќањето во институциите и дека институциите се условени со Бриселскиот договор, кој вклучува и создавање на ЗСО, што Албанците не го исполнија.

Претходно директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека барањата на Србите на барикадите се исполнети и дека Србија досега не добила посилни гаранции од САД и ЕУ, кога станува збор за условите на Србите за повлекување на барикадите на северот на Косово и дека одговорноста сега биде на властите во Приштина.

Гаранцијата сега ја даваат најмоќните сили на Запад, тоа е добра вест, бидејќи ги добивме овие гаранции кога бевме речиси на работ на конфликт, нагласи тој и додаде дека барањата на Србите се исполнуваат со потврдата на САД и ЕУ дека „нема списоци за апсење или гонење на српски државјани од Косово за учество во мирните протести и барикадите”.

Тој ги истакна и гаранциите дадени од КФОР, кои гарантираат дека косовските безбедносни сили не можат да влезат на северот на Косово без претходна согласност на командантот на КФОР и четворицата градоначалници на северот на Косово.

Оваа изјава на КФОР станува апсолутно извор на формално и материјално право, еден вид договор, рече тој и додаде дека до сега договор постоел само меѓу Приштина и НАТО.

Петковиќ нагласи дека сега договорот се однесува на сите страни, меѓу кои и Белград и српскиот народ на северот на Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот