Србија одобри договор со Кушнер за изградба на луксузен хотел на местото на поранешниот генералштаб во Белград
Владата на Србија одобри договор со Џаред Кушнер за изградба на луксузен хотел на местото на поранешниот Генералштаб во Белград, во време кога таткото на неговата сопруга, Доналд Трамп, се обидува да се врати во Белата куќа, пренесува „Њујорк Тајмс“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како што е наведено, Кушнер го води проектот вреден 500 милиони долари во партнерство со Ричард Гренел, поранешен специјален пратеник на Трамп за Србија и Косово.
Гренел предложи американските инвеститори да се обидат да ја ревитализираат локацијата уништена од бомбардирањето на НАТО во 1999 година, пренесува Гласот на Америка.
„Економскиот напредок на Србија во изминатата деценија беше импресивен. Овој проект дополнително ќе го издигне Белград на ниво на најдобра меѓународна дестинација“, вели Кушнер во изјавата со која го потврдува договорот, пишува „Њујорк Тајмс“.
Вчера беше објавено дека министерот за градежништво на Србија, Горан Весиќ, во име на Владата на Србија, потпишал договор за ревитализација на комплексот со американската компанија „Афинити Глобал Девелопмент“, на чело со зетот на Доналд Трамп.

Договорот не е објавен во јавност, но протекоа неколку детали како што е фактот дека земјиштето не се продава на Кушнер, туку се издава под закуп на 99 години без надоместок.
Министерот Весиќ рече дека сите понатамошни активности ќе бидат во согласност со законите на Србија и во соработка со институциите надлежни за заштита на културното наследство, бидејќи Генералштабот има статус на споменик на културата и ужива посебен степен на заштита.
Заедно со луксузниот хотел, предвидена е изградба и на трговски центар и 1.500 апартмани, а планирана е и изградба на меморијален комплекс посветен на жртвите од бомбардирањето на НАТО.
„Владата на Србија ќе го поседува и управува споменикот, а ќе биде дизајниран во соработка со српски архитекти“, се вели во изјавата на Кушнер за Тајмс.
Кушнер претходно изјави дека проектот е вреден околу 500 милиони долари и дека Србија ќе добие 22 отсто од профитот.
Не е познато како компанијата на Кушнер ја добила работата за ревитализација на Генералштабот, ниту дали имало јавен тендер за истата.
Кушнер го основал фондот „Афинити“, чија вредност е околу 3 милијарди долари, откако ја напушти Белата куќа, каде што беше советник на Трамп и се занимаваше, меѓу другото, и со Блискиот Исток.
Во фондот две милијарди долари инвестираше и Саудиска Арабија.
Поради инвестициите на фирмите од Блискиот Исток во фондот на Кушнер и откако тој ја напушти Белата куќа, некои претставници во Конгресот се прашуваат дали зетот на Трамп е во потенцијален конфликт на интереси.
„Њујорк тајмс“ потсетува дека ова е најголемата инвестиција за компанијата на Кушнер откако е основана.
Освен луксузниот комплекс во Белград, се планира и изградба на хотел на југот на Албанија.


