Спортското новинарство – опомена пред исклучување!

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Информирањето за спортот е јавен интерес, затоа треба да загрижува фактот што се намалува просторот за квалитетните спортски информации. Кога губи и новинарството и спортот, жртви се државата, федерациите, спортистите, клубовите, навивачите… Губи општеството во целина.

Насловот на оваа тркалезна маса e формулиран со идеја да се испрати опомена до сите надлежни во институциите, до федерациите, спортските клубови и спортистите, до вљубениците во спортот што можат да помогнат на кој било начин, но и до нас самите – нашата професија стрмоглаво паѓа!

Целта е да се укаже на лошата состојба во која се најде спортското новинарство, од аспект на тоа што испорачуваме до публиката и од гледна точка на статусот на спортскиот новинар.

Ќе се обидам да направам краток пресек. Според мене, има сè помалку квалитетно спортско новинарство, а со тоа се намалува и неговото и позитивно влијание. Секоја чест на исклучоците, но тие се ретки. Причините се објективни и субјективни, но факт е дека професионалното, сеопфатно, одговорно, едукативно, истражувачко и аналитичко спортско новинарство денес веќе не живее тука. Затоа што таквото новинарство чини пари, а пари во него нема доволно, откако е препуштено само на себе на слободниот пазар.

Една од причините за падот на спортското новинарство е тоа што многу колеги во меѓувреме беа – „исклучени“, односно останаа без работа. Други поранешни колеги сега се во некое поинакво новинарство, трети – во секторот односи со јавност. За што можеби и не се толку стручни или не им лежи на срце, но се решиле на тој чекор зашто немале друг избор или им биле понудени подобри услови за работа.

Приложената анкета не е сеопфатна и не може реално да ја отслика состојбата колку нè има, колку од нас се во редовен работен однос, колкумина се хонорарци. Според анкетата, голем процент имаат високо образование, но две третини имаат плата помала од македонскиот просек. Две третини би ја смениле и професијата за повисока плата.

Спортските блокови во телевизии со концесии се укинуваат. Во речиси сите традиционални медиуми спортот е сведен на минимум. Во некогашниот расадник на спортски новинари – спортската редакција на Македонското радио – денес се вработени само двајца наши колеги. А беа 13 во некое друго време, со богата спортска програма.

Mакедонската телевизија отвори спортски канал, за македонски прилики сè уште има пристоен број вработени во спортската редакција, но ја губи битката кога станува збор за откупот на скапите ТВ-права за најгледаните спортски настани и првенства.

Назадувањето предолго трае, удира сè пожестоко. Некои наши сограѓани што немаат дополнителни спортски пакети на кабелските ТВ-оператори немаа можност да ги следат во живо дури и репрезентативните натпревари во најпопуларните спортови кај нас. Тие, пак, што ги следеа беа понижени што некои ТВ-преноси од настапи на наши репрезентации се емитуваа со коментар на српски или хрватски јазик. Ова се случува и покрај препораката на Владата натпреварите да се коментираат на македонски.

Како да се промени оваа состојба и како да се подобри економско-социјалниот статус на спортските новинари? Како да спречиме наши колеги да ја напуштаат оваа, сепак, во исто време и убава и „проклета“ професија, што е еден од предусловите спортското новинарство да биде спасено? Што грешат спортските новинари за да им биде покажан црвен картон? Дали процената на некои надворешни „арбитри“ била неспортска, а казната е престрога? Општеството досега немаше соодветен одговор, но и самите спортски новинари.

Медиумите пред осамостојувањето на земјата беа државни. Трансформацијата и појавата на приватни гласила во 90-тите беа нужни, но значеа и почеток на падот на МРТВ и НИП Нова Македонија. Порано имаше четири спортски редакции во државните куќи и весници со по десетина редовно вработени новинари, плус надворешни соработници и дописничка мрежа, платени агенциски сервиси, фоторепортери, документаристи и друг придружен технички персонал. Се појави прво спортски неделник, а потоа и два спортски дневни весника, две приватни спортски радија, приватните телевизии откупуваа права за странски првенства и големи спортски настани.

И Македонскиот олимписки комитет пред три децении побара претставник од Секцијата на спортските новинари во својот највисок орган – Собранието, со што ги изедначи со сите спортски федерации, но само до својата трансформација. Верувале или не, имаше четири избори на спортист на годината, а првиот натпревар на фудбалска репрезентација беше против тимот на спортските новинари, кој го селектираше сега веќе покојниот колега Бранко Давидовски.

Не е ни толку важно дали денес новинарите се селектори, туку дали спортските редакции ќе опстанат со специјализирани новинари по спортови, кога имаше преноси од повеќе терени, понеделничките прилози во весниците се печатеа и на 16 страници, кога по спортскиот викенд се правеа анализи, осврти, коментари, спортски разговори во специјални емисии, а околу тие новинарски продукти беа ангажирани цели екипи. Денес спортскиот новинар во порталите е и новинар, и фоторепортер, и камерман, и тонец, и монтажер. Независно дали е обучен за тоа или не.

Практичното изучување на занаетот што го имаше во некогашните големи медиумски куќи почна да се разводнува. Падот на квалитетот не заврши само со загубената битка на некогашните државни медиуми со приватните, туку продолжува и денес со губењето на приматот на традиционалните против онлајн медиумите.

Во моментов, дури и специјализираните спортски портали, како најевтина форма за продукција на спортски вести, едвај преживуваат. Конкуренцијата е жестока, често и нелојална во услови на премал рекламен колач. Порталите се делумно зависни и од социјалните мрежи што се легло на лажни вести.

Се согласувам дека е нужно да се чекори во духот на времето, но тоа не значи дека треба да се напуштат новинарските стандарди. Поради промените, сè помалку во медиумите се застапени националните првенства и малите спортови, затоа што не носат кликови како спортските пикантерии. Т.н. жолто новинарство го освојува казнениот простор без никој да досуди пенал, а најподатливи извори стануваат социјалните мрежи. Некогашната алатка за проширување на потенцијалните консументи станува доминантна. Сега преку социјалните медиуми комуникацијата меѓу јавноста и спортските тимови и спортистите е директна.

На класичните гласила им се затвора вратата од изворите на информации, на кои некогаш повеќе им одговара да се недостапни за некои незгодни прашања. Се губи потребата од новинарот како посредник меѓу спортот и публиката, а со тоа и лакмусот за секоја информација, ако може така да се нарече сè што го загрозува медиумскиот простор.

И самите онлајн медиуми ги мултиплицираат содржините од социјалните мрежи, затоа што тоа бара минимален труд и пари за божем да се добие некаква содржина во натпреварот со погледаните и почитаните инфлуенсери, блогери, твитерџии, јутјубери, со поткастовите. Како последица, рекламните пораки се пренасочуваат од мејнстрим-медиумите кон социјалните мрежи. Овој тренд на глобално ниво станува доминантен и во земјава, што го осиромашува и онака тенкиот денар за реклами.

Нема да ги повторувам општопознатите работи за придонесот од квалитетното спортско новинарство. Ќе се задржам само на два значајни аспекта во делот колку губи државата, меѓу другото, и поради отсуството на вистинскиот придонес на спортските новинари за општото добро. Не се постигнува секогаш саканиот ефект со платени владини кампањи.
Првиот важен аспект што сакам да го поврзам со спортското новинарство е корупцијата.

Во услови кога една федерација во земјава во некои години остварува годишни приходи и од 20 милиони евра, што е петпати повеќе од вкупниот буџет за спорт на државата, а тие пари од разни извори се наменски, суштински важно за државата станува – спортското новинарство да биде коректор на спортските власти и на носителите на одлуки.

Спортскиот денар, сеедно од кој извор доаѓа, зашто не се во прашање секогаш само јавните пари, туку и разни грантови на меѓународни федерации, може да биде злоупотребен. Иако тие пари на непрофитните здруженија на граѓани им се исплатени со строго дефинирана цел, стануваат лесен плен за моќниците што успеаја да ги замолчат спортските новинари со коруптивни методи.

Поради нашата незаинтересираност, се дозволува спортот и спортистите да бидат и злоупотребени за други цели, најчесто политички. Тоа што сме спортски новинари не ни дава право на изговор дека има институции задолжени за криминалот, а наше да се занимаваме само со спортскиот дел.

Вториот важен аспект е – здравјето на нацијата. Во изминативе пандемиски години бевме сведоци колку е важен имунитетот на просечниот Македонец, а тој, меѓу другото, се стекнува и со спортување во која било форма. Тоа индиректно го растоварува и Фондот за здравство.

Отсуството на содржини во медиумите што ќе поттикнуваат спорт и рекреација придонесува за стагнација во процентот на населението што е физички активно. Имаше обиди тоа да се промени, но бројките покажуваат дека само 1 отсто од населението се занимава активно со спорт, само 7 – аматерски, а околу 40 – рекреативно. Значи, подобрената спортска инфраструктура и зголемената финансиска поддршка со ваучерскиот систем не помогнаа во тој поглед, а очекуваниот „поврат“ на овие инвестиции преку растоварувањето на буџетот не е остварен.

Тешко е да се пресмета колкава цена плаќа државата поради корупцијата во спортот, односно физичката неактивност на поголемиот дел од населението, но само еден мал процент од евентуалната заштеда на јавните пари би била доволна за подобар третман и подобра иднина на спортското новинарство.

И без овие поенти, ако знаеме дека последниве 15-тина години буџетот порасна од 1,7 на 4,7 милијарди евра, што е речиси три пати повеќе, колку со тие заеднички пари на сите даночни обврзници е помогнато спортското новинарство за да ја врши својата општествено значајна функција?

За жал, државата нема слух за спортското новинарство, иако слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување информации, а во тие рамки, и на спортските информации, се уставно загарантирани. Агенција за спорт и млади, како државен орган кој е надлежен за спортот подготвуваше стратегии, но од сите најавени само во еден од нејзините документи кој стаса до Владата, тој од јануари 2013 година, наречен Програма за развој на спортот 2013-2017, се спомнати медиумите. Но сега тој документ е вон сила. Ќе издвојам само неколку наводи од него, од делот со наслов „Медиумите и спортот“:

„Медиумите и соодветните видови поддршка од нивна страна за сметка на спортот претставуваат еден од чинителите за негов развој… Пристапот кон објективност и навременост на информациите од спортот кои се проследуваат до јавноста е чинител кој поседува развоен аспект во смисла на унапредувањето на спортот.“

Во продолжение ќе ги набројам приоритетите на Агенцијата за млади и спорт од Стратешкиот план 2020-2022: зголемување на процентот на граѓани што спортуваат, подобрување на квалитетот во националниот и меѓународниот спорт, обезбедување квалитетна спортска инфраструктура, зголемување на бројот на спортисти и подобрување на спортските резултати. Можно ли е да се остварат овие цели без спортското новинарство?

Спортското новинарство е важна поддршка на спортот, а информирањето во областа на спортот е составен дел од системот на информирање. Затоа и грижата за спортското новинарство треба да е двојна – и поради спортот, и поради информирањето. Затоа што врската е причинско-последична. Без спортското новинарство ќе имаме помалку спорт во земјава, без домашен спорт ќе има помалку спортското новинарство.

Медиумите сè помалку го популаризираат домашниот спорт, а кога нема доволно вистински информации, нема ни толкав интерес за спортот, нема ни публика на трибините. Кога нема публика, нема ни пари за квалитетен спорт во земјава, нема ни афирмација на државата преку спортот што некогаш е поефективна и од тие што на своја рака доделуваат дипломатски пасоши.

Државата треба да мисли и на спортските новинари и на домашниот спорт, а мисија на спортските новинари е да се борат пред своите газди и пред уредништвата за подобар третман на спортските информации. На тој начин се борат и за својот статус.

Нужни се нови системски решенија и надградување на постојните. Aкo една од задачите на Агенцијата е реализација на уставните и законски определби, ако АМС ја финансира дејноста спорт, тогаш треба да се изнајде начин како и инструментот за популаризација на спортот да биде потпомогнато. Препуштањето на медиумите сами да опстојуваат се покажа како штетно за дејноста, барем на овој мал пазар.

Што се однесува до нас самите, треба почесто да го креваме гласот, да бараме наш претставник во институциите, во федерациите, во АМС, МОК, во Советот за спорт…, да соработуваме со невладиниот сектор со намера да се спроведуваат европските декларации и конвенции во областа на спортот, да конкурираме со програми за пари од фондови за усовршување на наши колеги. Формите на едукација можат да бидат најразлични.

Стимулирањето на истражувачко и аналитичко спортско новинарство може да биде со доделување награди, а новинарскиот синдикат и ЗНМ треба да бидат нашите заштитници од разни видови злоупотреби, експлоатација, притисоци и влијанија, но и борци за подобри услови на работното место, особено на спортските терени.

Советот за етика во медиумите може да се позанимава и со непочитувањето на стандардите и од нашата фела.

Информирањето за спортот е јавен интерес, затоа треба да загрижува фактот што се намалува просторот за квалитетните спортски информации. Кога губи и новинарството и спортот, жртви се државата, федерациите, спортистите, клубовите, навивачите… Губи општеството во целина.

(текстот е дел од тркалезната маса во организација на Секцијата на спортски новинари како дел од Здружението на новинари на Македонија)

Видео на денот